1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шкендија пред целта

18 мај 2011

Македонска Шкендија незадржливо напредува. Шампионската фудбалска титула е практично обезбедена. Три кола пред крајот, тетовските фудбалери се со 9 бодови позитива. Тренерот Ќатип Османи веќе добива честитки.

https://p.dw.com/p/11IgN
Играчите на Шкендија имаат причина за задоволство
Играчите на Шкендија имаат причина за задоволствоФотографија: Petar Stojanovski

Целта се наѕира. Далеку пред другите, Шкендија незадржливо граби напред. Шампионската титула е практично обезбедена. Три кола пред крајот, тетовските фудбалери се со 9 бодови позитива и со огромна разлика во меѓусебните дуели. За второпласираниот Металург недостижно. Ќатип Османи, тренерот на Шкендија веќе добива честитки од сите страни за првенствениот подвиг.

Мислам дека оваа сезона ја заслужуваме титулата бидејки покажавме најдобар фудбал во текот на првенството и сега ни останува да се подготвиме за излез во Европа“.


Добар тим, организираност и средства

Што беше тоа, што ја красеше Шкендија толку супериорно да влезе во завршницата од првенството? За Османи тоа е спојот на младоста и искуството на тимот.

„Во оваа сезона доведовме искусни играчи и со играчите со кои што ја поминавме втората лига коцките одлично се сложија и тоа е еден од факторите што бевме доминантни“.

Добрата организираност, финансиската стабилност, според Османи беа неопходните елементи, Шкендија да плива во првенствените води многу побрзо и подобро од другите тимови.

„Ние немавме проблеми со финансиите. Имавме добри услови за работа и тоа донесе резултати“.

Само почетокот беше проблематичен

Шкендија без пораз во пролетниот дел од првенството ужива во завршните почести. Малиот кризен резултатски период, вели Османи беше само на почетокот од шампионатот.

„Тоа беше на почетокот на првенството, меѓутоа верувавме во тимот, играчите веруваа во своите квалитети и мислам дека првото место не беше доведено во прашање“.

Османи не сака да истакне поединци, со посебен придонес за титулата. Ја истакнува тимската работа.

Katip Osmani Fußballtrainer FC Skendija aus Mazedonien Skopje
Ќатип ОсманиФотографија: DW/Z.Kalinski

„Јас како и повеќемина тренери не сакам да истакнам поединци, бидејќи сите дадоа максимум. Јас сум презадоволен што работам со тим составен од играчи кои имаат такви квалитети“.


Македонскиот фудбал не напредува

На прашањето за квалитетот на фудбалот, кој се игра во македонското првенство, Османи е со став дека нема некаков позначаен напредок. Причините ги бара во скромните услови за работа.

„Па ако се вратиме наназад мислам дека не може да се каже дека има напредок. Како прво, некои екипи немаат услови да ги стигнат тие три до четри екипи кои работат попрофесионално. Значи, условите се главниот проблем овде во Македонија“.

Набрзо ќе уследат подготовките за старт во квалификациите од Лигата на шампионите. Османи најавува играчки засилувања, но за него првиот приоритет е да го задржи тимот кој стигна до Европа.

„Прво што треба да се направи во клубот е да се задржат тие играчи кои имаат доста добри понуди од добри европски екипи. Некој ќе го промени клубот, но не би сакал да заминат повеќе од еден до два играчи“.

Шкендија е во период на формално одработување на последните три првенствени кола до официјалната промоција, сите три во Тетово, а потоа и во очекување на противникот во Лигата на Шампионите.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска