1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Школа за Дедо Мразовци

Надја Баева30 декември 2008

Дедо Мраз е неизбежен дел од предновогодишната атмосфера. За оние што сакаат професионално да настапуваат во улогата на најпопуларниот дедо со бела брада, во Келн има посебна школа.

https://p.dw.com/p/GOcm
Час по Дедо МразФотографија: picture-alliance/ dpa

Во една гостилница во келнската населба Ловених се собраа дванаесет Дедо Мразовци. Тие се на возраст меѓу 16 и 68 години и доаѓаат од цела Германија. Тука се да научат нешто ново, да го усовршат својот настап и да разменат искуства. Учител е Стефан Досерек - искусен Дедо Мраз, кој во последниве 15 години повеќе од 1.700 пати настапувал во таа улога. Тој е толку популарен што годишно има над сто повици за настап. Со оглед на тоа дека не може сам да стаса на сите места каде што го бараат, Стефан веќе неколку години школува помошници кои исто така ќе можат да се ангажираат. Овој 40-годишен маж секој семинар го почнува со истото прашање:

„Најважно од се’ е да ми одговорите: верувате ли во Дедо Мраз?“

Дванаесетмината учесници на семинарот одговараат потврдно и наставата може да почне.

Мора да се внимава на сите детали

Најпрвин се утврдува како изгледа вистинскиот костим на Дедо Мраз. Стефан објаснува:

Deutschland Köln Schulung für Weihnachtsmänner
Дедо Мраз мора да има специјална облекаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Тој мора да има црвена капа со долг крај, брада и перика - секако во иста боја. Треба да се избегнува онаа блескава вештачка бела боја. Подобро да биде онаа убава природна бела боја, за да личи како да е вистинска брада. Потоа тука е црвената наметка што мора да биде долга до под колена. Или, пак, покусо палто со широки црвени панталони и чизми. Околу појасот треба да носи широк црн ремен со едноставна метална тока. Многу е важно да не носи никаков накит, единствено може да носи малечки очила и долги бели ракавици“.

Најстрого е забрането пред настап да се пие алкохол или да се испуши цигара, а не се препорачува ниту користење парфем, ги предупредува учителот дванаесетмината кои се дојдени на курс за Дедо Мраз.

Тие имаат различни мотиви зошто се решиле да дојдат на курсот. Дваесетитригодишниот Стивен Рајнхарт никогаш не се преправил во Дедо Мраз, ама сака да научи што се’ мора да знае и да прави човек кога ќе настапува во оваа улога. За разлика од него, четириесетгодишниот Даниел Ербрехт, со години работел како Рупрехт, помошникот на Дедо Мраз, но сега сака да почне да настапува како Дедо Мраз.

Што е пресудно за успешен настап?

Стефан ги објаснува малите, но многу важни детали што можат да бидат пресудни за успешен или неуспешен настап на Дедо Мраз. Меѓу нив се: како да се организираат приредбите, како треба да се планира времето и секако, висината на хонорарот.

Deutschland Köln Schulung für Weihnachtsmänner
Ѕвонец и златна книга со желби се главните „реквизити“ за Дедо МразФотографија: picture-alliance/ dpa

За време на семинарот, како тренер на Дедо Мразовци, Стефан Досерек предупредува и на замките во кои може да се западне и советува како да се избегнат.

„На почетниците често им се случува да не се чувствуваат удобно во костимот. Секогаш ги советувам, претходно час или два да седат облечени во костимот и да си гледат телевизија. Толку трае и еден настап. Проблеми можат да настанат кога присутните се од различни семејства и не се договориле како ќе бидат распоредени подароците“.

Нема високи хонорари за Дедо Мраз

За време на тричасовниот курс, Стефан објаснува дека Дедо Мраз не заработува многу. Ова е работа само за оние што им причинува задоволство. Тоа му е мотивот и на 44-годишниот Бернд Куперс.

„Едноставно, ми причинува задоволство. Да настапуваш како Дедо Мраз и да ги направиш децата среќни е една од најубавите работи што човек може да ги направи“.

На крајот од семинарот учесниците ја пеат песната за Свети Никола, а учителот им дели дипломи со кои се потврдува успешно завршениот курс „Како да станам Дедо Мраз?“ Сите што имаат ваква диплома, носат титула помошници на дедото со бела брада, односно можат да настапуваат како Дедо Мраз.