1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шојбле ретерира од екстремните ставови

16 јули 2007

По критиките од претседателот Хорст Келер и од партнерот во коалицијата СПД, сојузниот министер за внатрешни работи, како и обично во вакви случаи, сето го означи како недоразбирање и погрешно интерпретирање.

https://p.dw.com/p/BGHu
Волфганг ШојблеФотографија: AP

Повод за дебатата која ги оптовари односите во владеачката голема коалиција во Германија се идеите на Шојбле околу натамошно заострување на антитерористичките закони и пред се’ идејата за целно ликвидирање на можни терористи. Сојузниот претседател Хорст Келер во едно телевизиско интервју рече: “Јас лично се сомневам дали на пример, може без судска пресуда туку-така да се убие некој за кого се претпоставува дека е терорист”.

Келер побара од министерот Шојбле да покаже сензибилност и чувство за мера. Негова задача, навистина, е да се грижи за заштитата на граѓаните, “но може да се размисли дали е оптимален начинот на кој се пласирани предлозите, пред се’ во еден вид стакато” – рече претседателот, алудирајќи на трескавичноста со која Шојбле ги изнесуваше своите екстремни идеи во јавноста.

Волфганг Шојбле се најде на удар на остри критики од страна на социјалдемократите, кои јавно почнаа да го ставаат под прашање неговото останување на функцијата, па дури и опстанокот на самата владина коалиција. Во СПД изјавите беа означувани како опасност за правната држава, односно му беше префрлувано дека од Германија сака да направи полициска држава. Шојбле во меѓувреме стана “големо оптоварување за коалицијата”, за своите предлози сега “доби црвен картон и од сојузниот претседател”, вели експертот за внатрешна политика на СПД Дитер Вифелспиц за денешното издание на “Франкфуртер рундшау”.

Во одбрана на Шојбле застанаа неговите демохристијани, иако и од таму не беше поштеден ни од критика: потпретседателот на ЦДУ и покраински премиер на Долна Саксонија Кристијан Вулф за денешното издание на весникот “Билд” вели: “Целно убивање – од кого и да било – е несврзливо со нашата правна држава, а дебата за тоа е неодговорна. Човековото достоинство е неповредливо. Ние опстојуваме врз тие принципи”.

По сета бура што се крена околу неговите ставови, сојузниот министер за внатрешни работи целата работа ја сведе на недоразбирање: “Небаре сакав законско регулирање за убивање на осомничени за терор во Законот за полицијата. Тоа никогаш не го реков, тоа не ми беше ни намера. И за дебатата ќе биде подобро ако јасно се укаже на ова недоразбирање”.