1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија во финале од соништата

ЕМФ/макфакс/дв28 јуни 2013

Фаворитот успеа - светскиот и европски првак Шпанија ја победи Италија во полуфиналето на Купот на конфедерации. Натпреварот беше решен по изведувањето пенали. Во финалето Шпанците играат против Бразил.

https://p.dw.com/p/18xs4
Фотографија: Reuters

Дека ќе биде толку тесно, не претпоставуваше никој. Претходната година, Шпанија во финалето на Европското првенство ја совлада Италија со 4:0. Сега пеналите одлучија за тоа кој ќе влезе во финалето од соништата и ќе му биде противник на домаќинот на Купот на конфедерации, Бразил.

Натпреварот во регуларниот дел и во продолженијата заврши со резултат 0-0, а по изедувањето пенали резултатот беше 7:6 во полза на Шпанија. Победникот го реши промашувањето на Бонучи, кој во седмата серија го промаши голот. Италија беше репрезентацијата која во регуларните 90 минути беше поблиску до победата. Избраниците на Чезаре Парандели со тактичката поставеност импресионираа особено во првото полувреме. Во првиот дел по две можности за постигнување на гол имаа Де Роси и Маџо. Најизгледната шанса за постигнување на гол во продолженијата, повторно ја имаа ‘азурите’, но ударот на Џакерини во 96-та минута заврши во стативата. Шпанците, со исклучок на периодот од 97-та до 102-та минута, воопшто не наликуваа на себе, а колку беа безопасни говори и податокот дека првиот директен удар во голот на Буфон го упатија во 58-та минута (Хезус Навас). Најдобрите можности за Шпанија да постигне гол ги имаа Жорди Алба на истекот на првото продолжение и Чави Ернандез, кој во 125-та минута ја погоди стативата.

Proteste in Brasilien
На протести во близина на стадионот излегоа околу шест илјади луѓеФотографија: picture-alliance/dpa

Во близина на стадионот каде што се играше натпреварот дојде до тешки безредија, во кои полицијата употреби солзавец и заслепувачки гранати. Околу 6 илјади демонстранти врз полицајците фрлаа камења и молотови коктели. Освен тоа, демонстрантите запреа и неколку автобуси со навивачи и ги принудија патниците да излезат. Протестите беа насочени против високите трошоци за Светското фудбалско првенство во 2014 година во Бразил и социјалните услови во земјата.

Финалниот натпревар на Купот на Конфедерации меѓу Бразил и Шпанија ќе се одигра в недела (30.06).