1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија или Португалија - еден оди во финале

Арнулф Боетчер / Александар Методијев27 јуни 2012

Шпанија денеска во Доњецк влегува како фаворит во полуфиналниот меч против Португалија. Соседот од Иберискиот полуостров сака со помош на својот играч Кристијано Роналдо да ја спречи Шпанија да мине во финалето.

https://p.dw.com/p/15M1H
Fußball WM 2010 Spanien PortugalФотографија: AP

Во денешниот експлозивен соседски дуел, меѓу светскиот и европски шампион Шпанија и Португалија, ќе биде познат првиот финалист на ЕУРО 2012. Шпанците сакаат да остварат историски троен успех: две титули европски шампион во низа и светска титула меѓу нив, а тоа до сега не го постигнал ниту еден тим.

Португалците се потпираат главно на уметноста на својата супер ѕвезда Кристијано Роналдо. По третото место на Мундијалот во 1966-та година и второто место на европското првенство во 2004-та година во својата сопствена земја, конечно треба да дојде и првата голема меѓународна титула.

Оптимизам во Португалија

Пред мечот против големиот сосед Шпанија, во Португалија расте фудбалската треска. „Португалија може да се одмазди за поразот од Шпанија на Светското првенство во 2010-та“, пишува весникот „Диарио де Нотициас“. Таблоидот „Кориеро да Мања“ по победата од 1:0 против Чешка во четвртфиналето напиша: „Напред Португалија! И’ ја земаме топката на Шпанија“. Во земјата преовладува оптимизмот како и на европското првенство на кое земјата беше домаќин пред осум години. Тогаш мечот во финалето заврши со горчлив резултат – еден спрема нула за аутсајдерот Грција.

UEFA EURO 2012 Tschechien vs Portugal
Португалскиот тим се надева на добрата игра на РоналдоФотографија: Reuters

„Сегашното Европско првенство го почнавме лошо, со пораз од Германија, но потоа се подобривме. Мораме да настапиме како тим, да создадеме притисок, за да можеме да го постигнеме тоа“, се надева одбранбениот играч Жоао Переира и додава: „Ќе биде тешко, но ние сме убедени во победа“.

Фактот дека од 34 дуели Шпанија однела победа во 16, а Португалија само во седум, служи како дополнителна мотивација. Во последниот меч против Шпанија во ноември 2010-та година Португалија триумфираше дури со 4:0. Целата надеж е пред се’ во Кристијано Роналдо.

„Кога ќе станат работите затегнати во играта, Кристијано може да направи разлика, како што малкумина можат. Тоа секогаш ни помага“, изјави играчот од средниот ред Рикардо Коста.

„Ова против Шпанија ќе биде тешка битка“, оцени Роналдо.

Нема специјален план за Роналдо

Шпанците имаат голема почит кон Португалецот Роналдо, вреден 94-милиони евра. Но, за најкапиот професионален фудбалер во историјата ќе нема посебно обезбедување.

„Ние немаме посебен план како сакаме да го запреме Кристијано“, рече Чаби Алонсо, кој во четвртфиналето против Франција двапати погоди во противничкиот гол. Сепак, капитенот Касиљас ги предупреди соиграчите за противникот.

UEFA EURO 2012 Europameisterschaft Irland vs Spanien Tor Silva
Шпанија влегува во соседскиот меч за финалето во предностФотографија: Reuters

„Португалија не е само Роналдо. Тие покажаа во некои од мечевите за што се способни“, рече чуварот на мрежата на шпанската репрезентација, кој 780 минути нема примено гол.

Полуфиналето е како некој вид на семеен собир. Шпанците Касиљас, Алонсо, Сергио Рамос и Алваро Арбелоа ќе играат против своите португалски клубски колеги Роналдо, Пепе и Фабио Коентрао од Реал Мадрид.

„Ги знаеме нив најдобро, а и тие не знаат нас исто така. Ова ќе биде една интересна партија“, рече тренерот Винсенте дел Боске.