1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија растргната меѓу долговите и протестите

Штефани Милер/ Александра Трајковска13 ноември 2012

Шпанските синдикати за утре повикаа на генерален штрајк. Некои Шпанци стравуваат од „грчки околности“, други пак веруваат дека на земјата и’ треба радикален нов почеток.

https://p.dw.com/p/16i5A
Фотографија: Getty Images

Пензионираниот професор по историја Алберто Лопез можеше да предвиди. Тој 40 години се обидуваше на неговите ученици, колку што е можно пообјективно да им појасни колку е кршлива шпанската демократија, со оглед на тоа што последиците од граѓанската војна и долгогодишната диктатура на генерал Франко се’ уште се чувствуваа: „Шпанците по 40 години диктатура се’ уште не научија вистински да ја ценат демократијата“. Рани од војната има и натаму. Тие не биле надминати ниту со преодниот процес. „Мислам дека мораме комплетно од ново да ја организираме нашата држава, да почнеме сосема од почеток“.

Комплетно да се реформира државата

Ова го бараат и илјадници други луѓе, кои во моментов речиси секојдневно протестираат на улиците на Мадрид, во универзитетскиот кампус во Валенсија или на плоштадите во Барселона, и покрај дождот, ветрот и студот. Меѓу нив се и многу вработени во јавниот сектор, кои утре (14.11.) најверојатно ќе учествуваат на генералниот штрајк. Тие бараат поголема транспарентност и праведност и се разбираа сакаат да си го осигураат работното место.

Продукцискиот директор на фирмата за филмска продукција „Онли 925“, Оскар Вигоља, е еден од малкумината менаџери, кои стојат зад утрешните масовни протести: „Нашата влада не ја исполни својата изборна програма, тие лажеа“. Населението реформите и кратењата не ги лигитимираше на избирачките места. „Тие имаат право на ваков начин да влијаат врз курсот на владата“.

Премиерот Маријано Рахој сака да спроведе реформи во јавниот здравствен систем. Она што во Германија одамна е на дневен ред, во Шпанија станува реалност: дополнителни такси за одредени лекарски термини и рецептите, а многу лекарства веќе нема да се издаваат на рецепт. Администрацијата во болниците ќе се приватизира. Исто така се предвидени големи кратења во образованието. Речиси 40.000 наставнции ќе се најдат на улица.

Mariano Rajoy Premierminister Spanien Rede im Parlament
Шпанската влада не доби легитимитет за кратења, велат демонстрантитеФотографија: AP

Синдикатите се борат за веродостојност

Конзервативната народна партија ПП сака и мора под притисок на Брисел да продава делови од многу државни претпријатија и на тој начин да се ослободи од огромните долгови на тие претпријатија.

Исто така ќе се кратат приходите на службениците, како и социјалните услуги. По покачувањето на ДДВ од 18 на 21 насто се очекуваат натамошни даночни покачувања. „Многу од мерките се правилни и неопходни, иако краткорочно ќе генерираат уште поголема невработеност“, уверен е Игнацио де Бенито, раководителот на фирмата специјализирана за советувања на претпријатија „Крисбе“.

Шпанските синдикати се разбира имаат поинакво гледиште. Тие заедно со синдикатите во соседна Португалија го органзиираа првиот заеднички генерален штрајк. Тие знаат дека ова е нивната шанса да ја повратат довербата на работниот народ. По години на целосна агонија сега повторно добиаваат зголемена поддршка. „Штедењето и порастот мораат да се комбинираат, за да се стимулира повторно стопанството и да бидат отворени работни места“, изјави портпаролот на синдикатот ЦЦОО Фернандно Локано.

Бројките се застрашувачки: Невработеноста е повисока од 24 насто. Во околу десет проценти од шпанските домаќинства во моментов двајцата родители се без работа. Невработеноста меѓу младите во меѓувреме ја надмина границата од 50 проценти.

Зад бројките се кријат човечки драми. Минатиот петок една жена се фрли низ прозорец, оти морала да го напушти домот, бидејќи неможела да ја плаќа хипотеката. Според податоците на шпанскиот одбор на адвокати повеќе од 500 луѓе во моментов секојдневно губат покрив над главата, бидејќи неможат да плаќаат рати и се активираат хипотеките. Смртниот случај ја разбранува политиката. Барем големите партии ветија дека ќе сторат се’ за вакви трагедии да не се повторат.

Kürzungen Bildung Spanien
Кратења го очекуваат и образовниот системФотографија: Javier Soriano/AFP/GettyImages

Како тоа треба да изгледа, точно не знае никој. Имено малкумина во Шпанија отворено зборуваат како професорот по економија Хозе Марија Гај: „Нашиот систем не е болен, затоа што сега мораме да штедиме, туку затоа што корупцијата преовладува секаде“. За успешниот претприемач Хуан Вила, пак, синдикатите се дел од овој коруптивен систем: „Тие се презаситени и агираат само за сопствени интереси, за да не бидат укинати. Тие веќе не ги застапуваат вистински интересите на работниците. Тие блокираат без смисол и разум“.

Професоркта по француски Аурора Гомез Арахал повеќе не верува во синдикатите и демонстрациите. „Уморна сум“, вели таа иако има причина да протестира, но не и надеж за промени. Шпанската животна радост исчезна: „Дури ниту европски спасувачки чадор неможе повеќе да ни помогне, навистина не гледам излез, насекаде само кратења и хаос“.