1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија се повлекува од Ирак

19 април 2004

Само еден ден по преземањето на должноста, новиот шпански премиер Хозе Луис Сапатеро го обистини своето изборно ветување и нареди повлекување на шпанските трупи од Ирак

https://p.dw.com/p/AcO3
Сабатеро и Азнар
Сабатеро и АзнарФотографија: AP

Војниците колку што е можно побргу треба да се вратат дома, изјави Сапатеро вчера во Мадрид. На оваа најава, реакциите во Вашингтон се воздржани.

Портпаролот на Белата куќа Кен Лизаиус синоќа во Вашингтон изјави дека од изборите во Шпанија било познато дека намера на новиот премиер е да ги повлече трупите од Ирак. Тој изрази надеж дека решението ќе биде спроведено на координиран начин. На другите партнери во коалицијата, тој им изрази благодарност за солидарноста во спроведувањео на важната задача во Ирак. Советничката за национална безбедност Кондолиза Рајс во едно телевизиско интервју изјави дека и другите држави во коалицијата можат да ги обноват своите позиции. “Ние разговараме со НАТО. Министрите Рамсфелд и Пауел веќе разговараа со алијансата за тоа каква улога би можела да игра во Ирак“, изјави Рајс за телевизискиот канал Еј-Би-Си.

Толку брзата наредба за повлекување Сабатеро ја образложи со фактот дека не може да се очекува соодветна резолуција на Обединетите нации што би била во согласност со шпанските ставови. Сабатеро денеска на новиот министер за одбрана ќе му даде насоки:

“Го известив да ги преземе потребните мерки за шпанските трупи да се вратат дома во најкусо можно време и под најголеми безбедносни мерки“.

Воените експерти проценуваат дека ќе бидат потребни околу два месеца, што значи дека повлекувањето би било завршено кон средината на јуни, значи не многу пред магичниот датум 30 јуни. Шпанија и натаму ќе учествува во меѓународната битка против тероризмот, подвлече Сапатеро, врз основа на меѓународното право. Важна ограда, зашто Сапатеро ирачката војна постојано ја оценуваше како неоправдана и илегална. Она што сега ќе го прави шпанската влада Сапатеро вака го објасни:

“Шпанската влада ќе ги поддржува сите активности на Обединетите нации и на Европската унија што се можни во рамките на меѓународната соработка и кои ефикасно можат да придонесат Ирак да го врати својот суверенитет и да ја гради својата иднина во мир, независност и безбедност“.

Сапатеро уште истакна дека решението е донесено врз основа на ветувањето до Шпанците од пред една година и дека владата не може да постапува против волјата и зад грбот на граѓаните. Според една анкета, позицијата на Сапатеро ја поддржуваат 72 насто од Шпанците.