1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанската полиција ги растури протестите на „Незадоволните“

АТ/ АМ/ дпа/ дапд/ епд/ афп/ миа13 мај 2012

Протестите во Шпанија не траеa долго, иако беше планирано да траат три денови. Уште првата ноќ полицијата ги разби манифестациите во повеќе градови. Поставување на шатори како пред една година веќе не е дозволено.

https://p.dw.com/p/14uaG
Фотографија: AP

Илјадници демонстранти дојдоа во центарот на Мадрид и 80 други градови ширум Шпанија, сакајќи да протестираат три дена и три ноќи - до 15 мај годишнината од формирањето на движњето на „Незадоволните“. Но, уште првата ноќ полицијата ги помати сметките на ова движење. Рано утрово полицијата ги расчисти протестите на повеќе стотици демонстранти на плоштатот „Пуерта дел сол“ во центарот на главниот шпански град. Според полициски извори притоа биле уапсени 18 лица. Во операцијата се полесно повредени и двајца полицајци. Шпанската полиција соопшти дека во протестите учествувале 72.000 лица, додека организаторите тврдат дека бројот бил неколку пати поголем. Силите за безбедност на овој начин сакаа да спречат демонстрантите да постават шатори на плоштадот како пред една година. Исто така полицијата ги расчисти протетите и во Валенсија, Кадиз и Палма де Мајорка.

Протести против политиката на штедење

Вчера илјадници луѓе во Шпанија мирно протестираа против финансиската и политиката на штедење на нивната влада. Конзервативниот премиер Маријано Рахој со ригорозни мерки за штедење во текот на годинава сака да заштеди 27,3 милијарди евра. На крајот на април владата на Рахој исто така најави дека има намера да ги намали давачките во секторот на образование за три милијарди евра.

Demonstrationen in Spanien gegen Sparpolitik
Демонстрации во Шпанија против политиката на штедењеФотографија: Reuters

Шпанија е тешко погодена од финансиската криза. Невработеноста во земјата изнесува речиси 25 проценти и е највисока во еврозоната. Меѓу младите под 25 години секој втор е невработен.

Со серијата протести и манифестации во повеќе градови демонстрантите потсетија на формирањето на движењњето на „Незадоволните“ пред една година. Стотици илјади демонстранти тогаш учествуваа во протестите против плановите за штедење на европските влади поради финансиската криза. Тие кампуваа на плоштадите во многу градови и претставува инспирација за други активисти во Европа.