1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанско финале во Лига Европа

БГ/макфакс9 мај 2012

Фудбалерите на Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао вечерва во Букурешт ќе го одиграат деветото финале во Лига Европа, во кое ќе се сретнат два тима од иста земја.

https://p.dw.com/p/14s3q
Фотографија: picture alliance/dpa

Воедно ова ќе биде второ финале на натпреварувањето, кое во минатото се викаше Куп на УЕФА, во кое ќе играат екипи од Шпанија. Претходно, во 2007-ма година играа Севилја и Еспањол. Тогаш победи Севилја по подобро изведување на пенали.

Финалниот натпревар ќе биде дуел на аргентинските тренери Диего Симеоне, Атлетико Мадрид и Марсело Биелса, Атлетик Билбао.

Биелса од 1998 до 2002 година му беше тренер на Симеоне, додека ја предводеше аргентинската репрезентација.

Симеоне оцени дека двете екипи се познаваат многу добро и дека поради тоа неговите фудбалери ќе мора да бидат целосно фокусирани на финалето.

„Мораме да бидеме компактни, брзи, но и фокусирани многу повеќе отколку што бевме на првенствените мечеви. Атлетик е екипа со многу интензитет, играат директно, брзо, храбро и не се плашат својот стил да го наметнат и на гостинските терени“, рече Симеоне.

Flash-Galerie Fussballrückblick 2010
Славјето на фудбалерите на Атлетико Мадрид во 2010-та годинаФотографија: picture-alliance / DeFodi

Во првенствените дуели Атлетик победи во Билбао со 3:0, а Атлетико возврати во Мадрид со 2:1.

Финалниот меч, сметајќи ги и настапите во Купот на УЕФА, ќе биде 100-от натпревар во Лига Европа за екипата на Атлетико Мадрид, која во сезоната 2009/2010 го освои трофејот, по победата над англискиот Фулам со 2:1.

Од сегашниот тим на Атлетико, во 2010 на пехарот му се радуваа Антонио Лопез, Паоло Асунсао, Едуардо Салвио, Луис Переа и Жоел. Рамадел Фалкао, најдобриот стрелец на Атлетико, минатата сезона беше најдобриот играч на Порто со кого ја освои титулата во Лига Европа. Фалкао го постигна единствениот гол во финалето.

Финалниот натпревар во Лига Европа ќе се одигра на Националниот стадион во Букурешт, ќе започне во 20:45 часот, а ќе го суди Германецот Волфган Штарк.