1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанците живеат со корупцијата

Штефани Милер / Александар Методијев31 јануари 2013

Долго време во Шпанија јавно се молчеше за корупцијата. Сега бројни случаи излегоа на виделина. Тие дојдоа во време кога земјата е погодена со тешка економска криза. Сепак, зошто Шпанците молчат за корупцијата?

https://p.dw.com/p/17Udq
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шпанските медиуми се’ поинтензивно дискутираат за темата корупција. Над 730 шпански политичари се вплеткани во различни валкани работи, информираа тамошните медиуми. И тоа на различни нивоа – од комунални службеници, па се до Родриго Рата, кој е поранешен министер за економија и поранешен директор на Меѓународниот монетарен фонд. Тој одговара за злоупотреби при менаџирањето на втората најголема банка во земјата Каха Мадрид, како и за неговата нова работа како советник во Телефоника. Шпанската телекомуникациска компанија долго време ја бие глас дека е дувло на корупција, во кое е вклучен и зетот на шпанскиот крал Хуан Карлос, Ињаки Урдангарин.

Сите гласини и медиумски написи се чини дека не и’ пречат на Телефоника во полнењето на редовите со луѓе кои можат да и’ бидат корисни. Таков е случајот со сопругот на потпретседателката на шпанската влада Сораја Саенз де Сантамарија, кој доби работа непосредно по победата на конзервативната партија Патридо Популар во 2011-та година.

Затворена уста за зачувување на работата

И покрај корупцијата кај политичарите, Шпанците не излегуваат на протести и се чини дека ваквите откритија нив ги оставаат рамнодушни. Правникот Естер Мартин смета дека причина за тоа е високата невработеност од 26 проценти. Луѓето со задоволство ја држат устата затворена во страв за своето работно место, иако знаат за корупција и во средината во која работат.

Esther Martín Juristin Spanien
Естер Мартин ја критикува корупцијата во земјатаФотографија: DW/S. Mueller

На Шпанците одамна им е јасно дека нема да помогнат ниту нови избори. Ним им е јасно дека новата влада не се труди нешто посебно за да ги казни прекршителите на законот. Така, на пример, е усвоен закон со кој практично им се простуваат сите гревови на оние кои од даночниците ги криеле своите пари во странство. Ако сега решат да ги вратат парите во Шпанија, тие ќе мораат да платат 10 проценти од износот што го имаат.

„Тоа е вистинско лицемерие“, смета даночниот советник Карлос Алаиз, „бидејќи сите останати не само што мораат да одговараат за своето дело, туку и не треба да платат само десет проценти, туку целата сума колку што и должат на државата“.

Рај за затајувачите на данок

Но, и тоа е шпанското секојдневие, објаснува германскиот финансиски експерт Франк Абег, кој со децении работи со Шпанија. Тој вели дека секој кој мами и заработува противзаконски, добро зане дека секогаш може да смета на затрпаноста во судовите и институциите во Шпанија.

Thema Korruption in Spanien
Цел на критика се и шпанските судовиФотографија: DW/S. Müller

„Институциите работат полека, па обвинетите имаат и повеќе од доволно време да ги уништат сите докази пред да дојде до процес“, вели Абег.

Случај како во Германија, каде полицијата изврши претрес во Дојче банк, во Шпанија е незамислив, бидејќи има многу влијателни сили кои прават се’ што можат за тоа така и да остане.

Низ соседните земји се расчу дека Шпанија е ветена земја за криминалците, смета италијанската новинарка Паола дел Вехио. Таа долго време живее во Мадрид и со години јавува дека италијанската мафија има свои разграноци во Шпанија, посебно во време на бумот на градежниот сектор во таа земја. А, таму не се само Италијанците, туку и Русите, Кинезите и многу други кои бараат место за перење на парите и каде надлежните служби нема премногу да се трудат да ги откријат криминалните работи. Тие за сега во Шпанија се на вистинското место.