1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпекулантите го изгладнуваат светот

Андреас Бекер/Б. Георгиевски18 август 2012

Сушите во САД и Индија ја уништија жетвата, а стравот од нова криза со прехранбените производи расте. За да го запрат растот на цените, неколку банки во Германија ги забранија шпекулациите со животните намирници

https://p.dw.com/p/15sEp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога во Брегот Слонова Коска добро ќе роди какаото, цената му е ниска затоа што го има во доволни количества. Тогаш шпекулантите го откупуваат и се надеваат на лош принос во иднина. Тоа се случи кога во Брегот Слонова Коска изби граѓанска војна, се јави недостаток на какао и шпекулантите ги продаваа своите залихи за многу високи цени.

Од големата криза со храна во 2008 година се под лупа на критичарите. Иако правно гледано тие само купуваат и продаваат, шпекулациите ги дигаат цените и создаваат глад ширум светот, бидејќи сиромашните не можат да си ја дозволат храната. Германската Комерцбанк затоа одлучи да го запре тргувањето со животни намирници, а од невладината организација „Фудвоч“ ги повикуваат и другите банки да го сторат истото.

Но, од Комерцбанк засега одбиваат да говорат за медиумите за причините за нивната одлука.

Мартин Рикер од Фудвоч ги објаснува причините за молкот.

„Во интерес на банката е да не ги преплаши своите муштерии, кои во иднина сакаат да инвестираат во тоа поле. Затоа банката не се фали со потегот. Но во наш интерес е да ги наведеме примерите во кои банките се откажуваат од една бизнис област од повисок интерес“.

Во меѓувреме и уште неколку други банки престанаа да ја нудат оваа услуга.

Актуелните суши во САД и во Индија ги подигнаа цените. Сојата од јуни годинава поскапе за 30 проценти, пченката за повеќе од 50 отсто. Што помали жетви, толку повисоки цени. А најмногу страдаат сиромашните.

Afrika Dürre Landschaft Hunger
Фотографија: AP

„Во најсиромашните земји во светот, луѓето мораат да издвојат 80 отсто од приходите за храна. Оттука и најмалиот раст на цената води кон тоа луѓето да не можат да си дозволат да купат храна“, вели Рикер.

Од кризата во 2008. дојде до немири во повеќе од 30 држави. Оттогаш на банките им се префрла дека со шпекулации ги креваат цените на намирниците.

„Пресметавме дека околу 15 отсто од растот на цените на храната се случува поради шпекулации“, вели Рафаел Шнајдер од организацијата за помош на гладните. Сепак, економистите не се согласни со тоа како точно шпекулациите влијаат на цените на храната.