1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шпигел“: НСА го прислушувала француското министерство за надворешни работи

ЕМФ/дпа/ард1 септември 2013

Американската тајна служба НСА, според магазинот „Шпигел“, го прислушувала и француското Министерство за надворешни работи. Притоа „Шпигел“ се повикува на документ на НСА од јуни 2010 година.

https://p.dw.com/p/19ZiC
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Американската тајна служба НСА се интересирала најмногу за компјутерската мрежа со која се поврзани амбасадите, конзулатите и министерството. Акциите против Министерството за надворешни работи во Париз се „успешни“, се вели во документот на НСА од кој цитира „Шпигел“, а кој носи назнака „строго доверливо“. НСА инсталирала апарати за прислушување во француските претставништва во Вашингтон и во ОН, а скриншотите биле собирани во Њујорк. Франција, според извештајот, била официјална цел на американските тајни служби. НСА освен за надворешната политика се интересирала пред се‘ за француската индустрија за оружје, како и за економската стабилност на таа земја. Францускиот претседател Франсоа Оланд уште на почетокот на јули се закани дека ќе го блокира договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД и побара гаранции од американската влада дека веќе нема да има натамошна шпионажа.

И Ал Џазира била цел на НСА

„Шпигел“ пишува дека цел на НСА била и телевизијата Ал Џазира. На НСА, според информациите на магазинот, и‘ успеало да ги чита извештаите кои биле категоризирани како „извори со висок потенцијал за информации релевантни за тајните служби“. „Шпигел“ притоа се повикува на извештај на центарот за аналитика на НСА од март 2006 година, кој се наоѓал во документите на Едвард Сноуден. Информациите од Ал Џазира биле проследени на натамошна анализа во НСА, се вели во текстот. Од материјалот, како што се вели во извештајот на „Шпигел“, не произлегува во колкав обем биле прислушувани новинарите и менаџерите на Ал Џазира и дали прислушувањето трае до денес.

Katar Presse Newsroom beim Nachrichtensender Al Dschasira in Doha
Во колкав обем била прислушувана Ал Џазира?Фотографија: picture-alliance/dpa