1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шпрехен зи дојч“?

27 јули 2009

Странски јазик полесно се совладува и учи преку конкретни сиутации. На пример: на плажа, во ресторан, или на улица. Деновиве, во Охрид, волонтерот Нилс од Диселдорф учи околу 30 млади охриѓани да зборуваат германски.

https://p.dw.com/p/Iy7p
Фотографија: Bilderbox

„Во Германија можете да одберете - ќе одите во војска или пак ќе волонтирате една социјална година некаде, преку некоја ораганизација. Се пријавив и 10 и пол месеци сум во Охрид“, вели 20 годишниот Нилс.

Во еден од најтоплите денови во Охрид ова лето, некаде околу пладне, го наоѓаме Нилс со неговите ученици во старата населба Канео. Под една дебела сенка, на чекор од езерото, учат германски .

„Многу убаво ни‘ оди работата. Имам вкупно три групи со 26 до 28 посетители на курсот, претежно деца. Има една група курсисти кои се многу добри, а останатите се дојдени да го пополнат слободното време. Сепак, сметам дека сите ќе научат по нешто“, коментира Нилс.

Ohrid See in Mazedonien mit Badegästen
Германски се учи и на плажаФотографија: Petar Stojanovski

Овој курс е само една од бројните активности на невладиниот Младински совет од Охрид. Димче Каневче објаснува: „Точно е дека курсот се изведува малку поразлично, значи не е типичен училишен час. Меѓутоа, имајќи предвид дека е лето, дека децата повеќе сакаат да се слободни и без обврски, бројот се преполови, ама сепак функционира веќе еден месец. Децата се на различни локации, учејќи најразлични теми и така го учат германскиот јазик. “

Со голема радост зборуваме на германски, а целта ни‘ е кога овие деца ќе одат во Германија, нормално да го разбираат јазикот, вели Нилс и додава: „Најмногу бевме на плажа.Сепак учевме: Како си?; Што правиш?; Учиме се што гледаме. Бевме во библиотека, во кино. Сакаме да одиме и на пазар.“

Нема оценки, нема стрес

На овој курс стрес нема. Нема борба за оценки, ниту пак некој некому му се смее ако згреши. Напротив, другарството е на висина. Тоа го потврдуваат Миле, Христијан и Христина:

„Интересно е се учат некои нови зборови , интересни работи на германски јазик, она што го нема во училиште.Учиме цели фрази. Именките, членот се на германски.“

„Тука доаѓаме да се дружиме и да научиме по нешто.Да научиме нови зборови. “

BdT Deutschland Rechtschreibung Das große ß kommt
Буква по буква, збор по збор...Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Ми се допаѓа што шетаме и учиме низ Охрид. Овде добивам пошироки објаснувања. Во училиште, нормално, наставниците немаат толку време. Овде е многу поубаво.“

Учениците учат германски, учителот - македонски

Децата учат германски, а Нилс за неполна година го научи македонскиот: „Секој ден учам по малку. Мислам дека секој може да препознае дека сум странец. Но, македонскиот јазик го научив без курс, благодарение само на мојот слух.“

Димче Каневче вели дека од септември ќе дојдат уште двајца германски волонтери. Темите на кои ќе се работи допрва ќе бидат прецизирани: „Ќе направиме една волонтерска програма која ќе биде интересна и за нас и за младите, а и за волонтерите. Ние сакаме тие да се чувствуваат добро во нашата средина. Сепак, да биде корисно за децата и да не е она што секојдневно им се случува и што го имаат како обврска во училиште.“

Нилс се враќа во Германија и од есенва ќе студира физика. Ветува дека пак ќе дојде во Охрид: „Сигурно ќе се вратам пак. Сега можам со секого да зборувам. Можам со секого да контактирам, знам каде да одам .“

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска