1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер во Русија: случајот Јукос не ја нарушува довербата

9 јули 2004
https://p.dw.com/p/AeQn
Шредер и Путин во Москва
Шредер и Путин во МоскваФотографија: AP

Блиц посетата на германскиот канцелар Герхард Шредер на Русија имаше за цел да ги потврди добрите политички и економски односи меѓу двете земји и да им ја врати доцвербата на стопанските субјекти со оглед на кризата околу нафтениот концерн Јукос, во кој имаат инвестирано и германски банки. Гостинот од Берлин уште еднаш ги пофали реформите што ги воведе рускиот претседател Владимир Путин:

“Овие реформи ја доведоа Русија на патот на стабилен економски раст и ја обновија довербата на странските инвеститори. И нема никаква причина да се впуштаме во дебати околу тоа дали ваквата доверба може да биде нарушена“ - нагласи Герхард Шредер во говорот пред угледните гости и студенти во Финансиската академија во Москва.

Пред новинарите Шредер ја бранеше постапка на руските власти во случајот Јукос, кој поради преголемите даночни задолжувања се најде под стечај. Тој смета дека станува збор за законски оправдана мерка, нагласи Шредер и уште ја пофали динамиката на германско-руските трговски врски и инвестиции:

“Нагласува изрично, бидејќи постојано има дебати во кои се тврди спротивното, но бројките сведочат сами по себе дека меѓу двете земји постои доверба и тоа со добра причина. Тоа е економската и политичката стабилност на Русија, што беше постигната со реформската политика!“

Домаќинот, Владимир Путин, кој дури го дочека гостинот од Берлин на аеродром, ја подвлече голема улога на Германија на рускиот пазар на инвестиции:

“Веќе денес може да се заклучи дека Германија е нашиот најголем стопански и трговски партнер. За деловните луѓе е добра вест што подготвивме заедничка изјава за интензивирање на соработката во енергетскиот сектор, важно подрачје за нашите земји, како и за цела Европа.“

Станува збор за соработка на полудржавниот руски концерн Гаспром и германскиот Рургас, кои се договорија за изградба на гасовод во должина од 1200 км и вкупна инвестициона вредност од 2,5 милијарди евра. Во стопанската делегација што ја предводеше канцеларот беа и претставници на Дојче и Комерц банк, кои се доверители на најголемиот руски нафтен концерн со вкупно 70 милиони евра. И тие, како и другите членови на делегацијата сметаат дека случајот Јукос е поединечен и дека не ја нарушува општата клима на доверба во стопанската соработка.