1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер патува за Турција

22 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AcPp


Германскиот канцелар, Герхард Шредер, денеска и утре е во посета на Турција. Тој, за разлика од лидерот на опозиционата ЦДУ, Ангела Меркел, која во Турција беше на почетокот на неделава, гледа позитивно на опцијата за давање долгорочна перспектива за приклучување на таа земја кон ЕУ.

Кога лидерот на Христијанско-демократската унија, Ангела Меркел, пред неколку дена се обиде на Турција да и' ја направи "повкусна" понудата за привилегирано партнерство, наместо посакуваното членство во ЕУ, беше дочекана со јасно одбивање:

"За тоа до денеска воопшто не сме разговарале", изјави премиерот Реџеп Таип Ердоган. И нагласи: "За тоа воопшто не размислуваме. Такво нешто е исклучено".

За ваква опција, во најдобар случај, може да се размисли подоцна, се вели во кругови на Ердоган. Меркел има горе- долу сфатливи аргументи против турско приклучување на унијата. Таа смета дека Турција со нејзините 70 милиони жители и нејзината економска состојба, ќе биде експлозив за финансиските можности и способноста на ЕУ за интеграција. Проширувањето сега, на први мај, е веќе доволно тешко. Затоа, Турците мора да останат надвор, но треба да бидат наградени за нивните реформски напори, со едно особено блиско партнерство со унијата.

Од турски агол на гледање на работите, тоа би била утешна награда. Тоа го знае и канцеларот, Герхард Шредер, кој од денеска до вторник е во посета на Турција. За разлика од Меркел, тој се залага за тоа на Турците да им се даде фер шанса. Германската влада, за разлика од конзервативните европски политичари, никогаш не го тематизирала исламското обележје на турското население како пречка за приклучување кон унијата, туку таа дури гледа и шанса за дијалог на културите и можен пример за успешна демократизација во рамки на исламскиот свет.

"Од договорот за асоцијација во 1963 година, значи пред 40 години, на Турција постојано, и од страна на сите германски влади, и' се велеше дека процесот на приближување има перспектива на приклчување во ЕУ. Очекувањата што се разбудени преку тоа, не можат и не смеат да бидат изневерени."

Ердоган има аргументи за да го убеди канцеларот тој да се заложи за почеток на преговори за приклучување на Турција кон унијата. Тој, реформски исламист, во изминатите месеци спроведе реформи, како фактичкото укинување на смртната казна, што не им успеа претходно на сите западно-ориентирани премиери во Анкара. Тој ја стави сета своја политичка тежина за да го олесни, од страна на унијата, бараното решение на кипарското прашање. И, тој на Шредер јасно ќе му стави до знаење дека очекува награда за таоа.

Приклучување кон ЕУ не сакаат практично само сите политичари во парламентот во Анкара, туку и 75% од населението се за тоа. И, тоа не од вчера. Приклучувањето кон унијата за Анкара не е важно само поради тоа што носи економски предности, туку е и прашање на национален престиж.