1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмаер во убедувачка мисија

9 август 2006

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајмаер е во нова посредничка мисија на Блискиот Исток. По Либан каде се сретна со премиерот Синиора, сега е во Тел Авив. Таму разговараше со министерот за одбрана Амир Перец, а закажана му е средба и со министерот за надворешни Ципи Ливни и премиерот Ехуд Олмерт. Ги убедува двете страни за прекин на насилствата. Ќе му успее ли?

https://p.dw.com/p/Ac4G
Франк Валтер Штајнмаер
Франк Валтер ШтајнмаерФотографија: AP

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер веќе се сретна со израелскиот министер за одбрана Амир Перец. Двајцата заклучиле дека е потребен “силен, суверен и демократски Либан” за да се постигне мировно решение на Блискиот исток. Но, Перец не изгледа деке е за многу брзо стопирање на борбите бидејќи тој денеска закажа и состанок на кабинетот за безбедност со една точка на дневниот ред – дали да се интензивира офанзивата во Либан – а таму ќе предложи пожестока акција со вклучување на 30 000 дополнителни војници. Нема детали каква е реакцијата на Перец за либанскиот предлог Либан да стационира 15 000 илјади војници на границата како дополнение кон стабилизација на регионот. Идеја која шефот на германската дипломатија многу ја поддржува, но израелскиот премиер Олмерт ја одби. Во текот на денот Штајнмаер има средби и со Олмерт и со ресорната колешка Ципи Ливни. Целта на неговата посета е да го пренесе ставот на меѓународната заедница – итен прекин на огнот и стационирање на меѓународни трупи во регионот. Но, Штајнмаер е свесен дека остварувањето на оваа цел нема да оди лесно.

“Секогаш повторувам. Дека едно вакво решение може да функционира само ако е прифатено во регионот. Затоа овде бараме поддршка и од либанската и од израелската влада. Затоа сум и јас овде на разговори на лице место”, изјави Штајмаер.

Во истовреме на Блискиот исток борбите не мируваат. Агенциите јавуваат за нови воздушни напади и жестоки копнени борби. Од друга страна СБ на ОН се уште не ја нема донесено резолуцијата за Либан. Се преработува француско – американскиот предлог. Тоа му ја отежнува работата на Штајнмаер во преговорите, бидејќи Израел најави дека ја продолжува воената офанзива се додека дипломатските преговори не донесат конкретен резултат.

И израелскиот министер за одбрана Перец на денешната средба со Штајнмаер бил категоричен – Израел поддржува донесување на резолуција но нема да даде согласност за дипломатско решение кое нема да “им вети долги години стабилност и мир”. Во вакви услови што може да постигне шефот на германската дипломатија? Пред две и пол недели Штајнмаер си замина од Ерусалим со една лична желба, која никој во меѓувреме не можеше да му ја исполни:

“Се надевам дека во наредните денови тука повторно ќе се најде патот кон мир”, рече тогаш Штајнмаер.

Вака како што стојат работите не ветуваат многу.