1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штедењето е лекот

5 февруари 2010

НАТО повлече црвена линија во финансиите со оглед на експлодирачките трошоци околу мисијата во Авганистан. Министрите за одбрана на НАТО во Истанбул се согласија за пакет мерки за штедење и за зголемување на придонесите.

https://p.dw.com/p/Ltny
Фотографија: AP

Усвоениот план во четири точки, според извори од НАТО, предвидува нови финансиски средства за 2010 година, како и листа со проекти што не се безусловно стратешки важни и од кои Алијансата може да се откаже. Освен ова, планирана е и реформа на буџетот, како и листа со актуелни мисии, кои имаат предност во финансирањето. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен не наведе детали, но тие треба да бидат утврдени до март. Според дипломатски извори, во тековнава година на НАТО му недостасуваат 700 милиони евра.

Причина за ова, според германскиот министер за одбрана, Карл-Теодор цу Гутенберг се покрај малиот воен буџет и експлозијата на трошоците, која во прв ред е предизвикана со ангажманот на меѓународните ИСАФ-трупи во Авганистан. НАТО, имено, неодамна донесе одлука да го зголеми бројот на војниците од 110.000 на 150.000 и да ја поттикне обуката и тренингот на силите за безбедност на Авганистан.

Anders Fogh Rasmussen Flash-Galerie
Андерс Фог Расмусен го предупреди авганистанското население дека се можни повеќе борбиФотографија: picture-alliance/ dpa

Коњановски: Македонија ќе го зголеми придонесот за 50%

На неформалниот состанок во Истанбул, 44 земји кои даваат придонес во ИСАФ-трупите, дискутираа и за спроведувањето на новата стратегија за Авганистан. САД и НАТО бараат повеќе илјади дополнителни тренери за до крајот на 2011 година да бидат обучени 300.000 авганистански полицајци и војници. Генералниот секретар на северноатланската алијанса Андерс Фог Расмусен истакна:

„Ова не е стратегија за повлекување, ова е стратегија за пренесување на одговорноста, при која постепено ќе им ја пренесеме одговорноста на Авганистанците, со тоа што ќе обучиме доволно авганистански полицајци и војници.“

Македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски, во обраќањето пред министрите нагласи дека Македонија ќе го зајакне својот придонес во ИСАФ за 50 проценти, што беше најавено претходно и потврдено на конференцијата за Авганистан во Лондон. Министерот подвлече и дека Македонија останува посветена на регионалната соработка, менторството и стабилноста. Тој укажа дека македонските национални центри, како полигонот Криволак и медицинскиот центар за обука, кои се специјално наменети за обука на сили пред упатување во мисии, им стојат на располагање на земјите од регионот и на сите НАТО партнери.

Mazedonischer und US-Verteidigungsminister Zoran Konjanovski und Robert Gates in Ohrid
Македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски и американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс (архива)Фотографија: MIA

Во Авганистан ќе има повеќе борби

Со оглед на новата офанзива на НАТО во јужен Авганистан, генералниот секретар Расумусен го предупреди населението дека е можен поголем број на жртви. „Ќе има повеќе борби“, рече тој во Истанбул. „Бунтовниците и терористите ќе се обидат да убиваат војнции на ИСАФ и невини Авганистанци“, истакна Расмусен.

На средбата во Истанбул за првпат учествуваше и новиот цивилен ополномоштеник на НАТО за Авганистан, Британецот, Марк Седвик.

Автор: АТ/ГЧ/апф/миа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска