1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штета е направена, но лек има!

3 октомври 2009

Откако МАНУ најави повлекување на енциклопедијата, нејзино корегирање и дополнително утврдување на одговорноста, а двоецот Груевски-Ахмети излезе со заедничка осуда на спорните одредници, страстите се смируваат.

https://p.dw.com/p/Jwvq
Предмет на критикиФотографија: Petr Stojanovski

МАНУ ја повлече енциклопедијата на доработка, а Македонија не навлезе во нова сериозна политичка и меѓуетничка криза, како што се најавуваше. Во Македонија немаше инциденти, за што заслужна е политиката, но пред се‘ - интелектуалната елита.

Во секој случај, и во домашната јавност и посебно од соседите беа искажани многу сериозни, тешки, па и навредливи зборови на адреса на МАНУ и дел од академиците, како и за Македонија и македонскиот народ. Во Приштина, дури, беше запалено и македонското знаме. Иако задоцнето, владиното менаџирање на проблемот што се закануваше да предизвика нови меѓуетнички тензии, придонесе за смирување на страстите.

Но, се чини, овојпат најзаслужни за надминување на кризата се интелектуалците и медиумите, кои настапија унисоно, со барањео за исправање на спорните одредници од ова прво национално лексикографско издание на МАНУ. Интелектуалците, и македонски и албански, се чини, го положија испитот и го оправдаа епитетот на слободоумни луѓе. Најмногу, се чини, заради нивниот жесток отпор кон одделни одредници од енциклопедијата, по што овој проблем го доби ваквиот, би рекле, очекуван и единствено исправен епилог.

Не се случи битка по етничка линија

Професорот на Тетовскиот универзитет, Ризван Сулејмани, вели дека оваа криза покажа дека институциите на ситемот се се‘ уште кревки и покажуваат неснаоѓање, дека не се развиени сами да си ги решаваат проблемите и дозволуваат политиката лесно да навлезе во нив, а потоа да се јавува како пожарникар во гаснење на пожарот, наместо претходно работите да ги постави системски и стратешки и системот самиот во себе да ги решава проблемите. Тој вели дека првпат е охрабен од тоа што се покажа оти во Македонија...

Mazedonische Akademie für Wissenschaft und Kunst
Зградата на МАНУФотографија: Petr Stojanovski

„...има капацитети и има иднина, затоа што една опасност која постоеше на почетокот - таа битка да се води по етничка линија, полека прерасна во битка на прогресивните наспроти конзервативните сили, битка во која албански и македонски интелектуалци се групираат според тоа дали и како се третираат фактите, дали тие се земени онакви какви што се, или се искривени.“

Глас на револт на интелектуалците

Улогата на интелектуалците, посебно Македонците, во овој проблем е посебно акцентирана и од политчкиот аналитичар Ибрахим Мехмети, кој смета дека нивниот глас на револт, а дури потоа на партиите, беа одлучувачки за санирањето на кризата:

„Македонците, пред се‘, според мене реагираа на еден многу конструктивен начин, значи имаше критика од самите македонски интелектуалци, што мислам е голема придобивка во случајов и не се случувало порано. Нивната реакција, според мене, е позитивен резултат на нешто негативно“, вели Мехмети и додава дека, за жал, партиите се‘ уште имаат главен збор во земјата и нивната улога може да биде, и најчесто се покажува, како решавачка. Тие, вели Мехмети, се наоѓаат во основата на проблемот бидејќи преку владата влијаат врз сите текови.

„Се виде дека во моментот кога политичките партии решија дека проблемот треба да се затвори, тој беше затворен речиси во истиот момент! Енциклопедијата беше повлечена, иако цело време се зборуваше дека Академијата е независна, а од друга страна протестот на Албанците не се случи затоа што повторно партиите рекоа дека не треба да има таков протест. Значи, имаме политичка игра од поширок размер, што е знак дека коалиционите партнери не се отворени во нивната комуникација и не се искрени кон јавноста, но и едни кон други.“

Mazedonien Land und Leute Enzyklopädie Buch
Фотографија: Petr Stojanovski

Страстите ќе се смират

Професорото Петар Атанасов, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, инаку експерт за меѓуетничките односи, смета дека секое мултикултурно општество има одредени правила што се донесуваат и со текот на времето се почитуваат. Првото ниво на овие правила е институционално, а второто е индивидуално. И двете се однесуваат на вредности поврзани со толеранција, почитување, соработка и идентитет. Македонската енциклопедија, според Атанасов, ги потцени и двете нивоа:

„Значи, да се живее заедно подразбира почитување и заедничко делување. Енциклопедијата покажа дека авторите на овој труд живеат во минатото, малку во сегашноста и најмалку во иднината. За разлика од нив, многумина во општеството, во изминатите денови имаа критички став кон овој труд и реакцијата беше соодветна и мислам дека страстите ќе се смират. Штетата е направена, но во иднина вакви проекти, во едно вакво мултикултурно општество, ќе мора многу внимателно да се подготвуваат и да се реализираат“,објаснува професорот Атанасов.

Освен од интелектуалците и политичките елити во Македонија, енциклопедијата беше критикувана и анатемисана и од политичари и историчари од соседните земји, како и од амбасадите на највлијателните земји во Македонија. МАНУ, во наредниот период, на вонредно собрание, ќе одлучува за одговорноста на редакцискиот одбор и самиот врв на Академијата.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска