1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штинер: Опозицијата ја направи Македонија дисфункционална

ДВ 20 февруари 2013

Пратеникот во Бундестагот од редовите на Либералите Рајнер Штинер за ДВ оценува дека последните случувања во Македонија се лош сигнал за демократијата и европската иднина на земјата.

https://p.dw.com/p/17hpD
Фотографија: www.rainer-stinner.de

ДВ: Господине Штинер, како врз очекуваното доближување на Македонија кон ЕУ ќе се рефлектира актуелниот бојкот на локалните избори од страна на македонската опозиција, која од 24 декември 2012 не учествува ниту во работата на Парламентот?

Штинер: Ова е многу лош сигнал за демократијата и европоската иднина на земјата. Донесувањето на одлуките, во сите парламентарни демократии го решава мнозинството од гласовите на пратениците од власта и опозицијата. За тешките одлуки, честопати дополнително се дебатира и дискутира, зашто така функционира демократијата. Така е кај нас, така е секаде во светот. Неучеството на опозицијата на локалните избори не е вистинскиот одговор, доколку опозицијата е незадоволна од потезите на власта. Зашто целта на демократијата, а со тоа и на опозицијата, е да освои поголем број гласови, во конкретниот случај да ја освои власта во локалната самоуправа, па оттаму да делува, да ја добие довербата на граѓаните, кои на наредните парламентарни избори би им го дале мандатот. Практично бојкотот и неучеството на локалните избори говори дека Македонија се наоѓа во длабока државна криза и не е способна да владее со сопствениот политички систем.

ДВ: Опозицијата своето враќање во Собранието и излегувањето на локалните избори го услови со предвремени парламентарни избори?

Штинер: Не гледам причина за нови парламентарни избори. Доколку се сака да се излезе на мегдан еве ги локалните кои се вистинската можност. Инаку, парламентарните избори имаат свој ритам и се знае што меѓу два циклуса може да се реализира. Опозицијата со своето однесување ја направи земјата дисфункционална, што е исклучително лош знак за очекуваниот датум за почеток на пристапните преговори и македонската иднина во ЕУ.

ДВ: Вчера (19. февруар) во Македонија беше најавено формирање на нова партија која би била поддржана од меѓународниот фактор, а би го собрала интелектуалното јадро и сите оние кои се разочарани и незадоволни од постоечките политички субјекти. Сметате ли дека ова е навистина вистинската опција?

Штинер: Не, не сметам дека меѓународниот фактор треба да се занимава со поддржување на една или друга партиска опција во Македонија. Не е наша задача да се мешаме во тие работи. За тоа се одговорни и доволно свесни граѓаните на Македонија. А, оние кои се во политиката треба навистина да се погрижат да ги исполнат очекувањата на гласачите од кои го добиле мандатот. Македонските граѓани знаат дека од нив зависи се'.