1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ако Србија повторно не добие кандидатски статус?

11 февруари 2012

Доколку Србија во март не добие статус на земја кандидатка за членство во ЕУ, последиците од таквата одлука ќе бидат сериозни и тешки. На следната шанса може ќе се чека до крајот на годината.

https://p.dw.com/p/141uJ
Фотографија: AP/Montage DW

Помалку од три недели, колку што останаа од повторното разгледување на кандидатскиот статус на Србија, во Брисел велат дека е тешко да се предвиди каква овојпат ќе биде проценката на земјите членки на ЕУ. И додека во Европската комисија и Европскиот совет нагласуваат дека „се’ уште има време“ Србија да исполни три јасно поставени услови во декември, неофицијално се’ почесто можат да се слушнат зборови на загриженост и предупредување дека времето истекува, а напредок нема – пред се’ во дијалогот со Косово. Од Центарот за европска политика предупредуваат дека последиците од повторното одложување и необјавување на кандидатскиот статус за Србија би можеле да бидат многу сериозни.

„Изборната кампања во Србија практично е во тек. Се чини дека радикалните сили имаат прилично поддршка. На Борис Тадиќ навистина му треба нешто да им испорача на своите гласачи. Негативниот исход на Европскиот совет во март би имал многу лошо влијание на перспективите на партиите кои најмногу се посветени на евроинтеграциите на Србија“, вели за Дојче веле аналитичарката Роза Балфур, задолжена за Балканот во Центарот за европски политики во Брисел.

Serbien Besuch Kanzlerin Angela Merkel
Србија не го очекувала дополнителното германско условување во декемвриФотографија: picture-alliance/dpa

Последици за Србија, но и за Црна Гора и Косово

Доколку на Србија ниту на први март, на состанокот на шефовите на држави и влади од ЕУ, не и’ биде одобрен статус на земја кандидат за членство, тогаш негативните последици од тоа ќе се почувствуваат и во регионот на Западен Балкан и во самиот процес на проширување, смета Балфур.

Таа под знак прашање, во тој случај, го става и одредувањето на датумот за почеток на преговори за пристапување на Црна Гора, како и напредокот на Косово во евроинтеграциите. Истовремено таквата одлука нема на никаков начин да придонесе за отстранување на т.н. замор од проширување, којшто последниве неколку години ги карактеризира односите ЕУ – Западен Балкан.

„Зголемена е недовербата на регионот во поглед на искрената определеност на ЕУ да продолжи со проширувањето по приемот на Хрватска. Таквата одлука би испратила дополнителен, негативен сигнал во регионот. Лично сметам дека тоа би била генерално многу негативна одлука“, оцени Балфур во Брисел.

Ако не сега, тогаш кога?

Symbolbild Euroskepsis
Зголемена е недовербата на регионот во поглед на искрената определба на ЕУ да продолжи со проширувањетоФотографија: DW-Montage

И додека се оценува дека Србија не го очекувала дополнителното германско условување во декември, Германија овојпат е јасна по прашањето на условите, но и во ставот дека нема да го чека последниот момент за постигнување на напредок. Неофицијално може да се чуе дека следните десет дена би можеле да бидат прифатлив рок за договор меѓу Белград и Приштина по прашањето за претставување на Косово на регионалните собири. Гледајќи дека ќе биде тешко некои земји членки да го променат мислењето по тоа прашање, Европската комисија се обидува да „ја поттурне Србија да го направи своето“.

„Што и да каже Европската комисија за одговорноста на Србија, а тука има многу да се каже, истовремено и ЕУ е таа која мора да даде позитивен сигнал, да покаже дека проширувањето и натаму е зацртан пат, а дека европската определеност за проширување опстојува, иако условите се тешки“, нагласува Балфур.

Многу европски функционери ја повикуваат Србија да го искористи моментот и да направи се’ за да добие кандидатски статус на први март. Се предупредува дека доколку се пропушти оваа шанса, следната би можела да биде далеку, можеби дури во декември.

Автор: Марина Максимовиќ / Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска