1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на санкциите за Иран на повидок?

Вилде Вулф/ Симе Недевски17 октомври 2013

Шансите за надминување на спорот околу иранската нуклеарна програма се големи како никогаш досега. Тоа би подразбирало и укинување на санкциите за таа земја. Kому би му користело тоа, а кому не?

https://p.dw.com/p/1A0rh
Фотографија: aeoi.org.ir

„Индициите за затоплувањето на односите се најдобри во последните 10 години“, вели Али Фатолах-Неџад од лондонската Школа за ориентални и африкански студии. Иран испрати јасни и позитивни сигнали, пред преговорите со т.н. „Група 5+1" во која се наоѓаат земјите со право на вето во Советот за безбедност и Германија. Изгледа дека иранските власти со новиот претседател Хасан Рохани на чело, сакаат да го решат тој проблем што побрзо. „Освен тоа, на западната страна се менуваат ставовите. Сега постои подготвеност да му се признае правото на Иран за атомска програма“, вели Фатолах-Неџад во разговорот за ДВ.

Правото за мирољубива употреба на атомската енергија е еден од двата услова кои Техеран ги формулираше пред преговорите. Вториот е укинување на санкциите. За возврат, Иран нуди транспарентност и мерки со кои би се изградила доверба- како некој вид гаранција дека нуклеарната програма никогаш нема да се употреби за воени цели. Овој предлог неодамна во изјавата за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го изнесе Хосеин Мусавиан, поранешниот портпарол на иранската делегација за преговори.

Одење по жица

Западните земји сметаат дека Иран е на потег. Разговорите во Женева се првиот тест за тоа дали по позитивните сигнали ќе следат и конкретни дела. Првиот ден на преговорите во Женева, министерот за надворешни работи Мохамед Џавад Сариф неочекувано го изнесе тристепениот распоред за решавање на кризата. Меѓутоа, учесниците во преговорите не зборуваа за содржината на тој распоред. Наводно, Техеран сака да постигне договор во рок од една година, при што првите решенија би требале да бидат договорени за месец до два.

Irans Präsident Hassan Rohani UNO Atomgespräche UN
Иранскиот претседател Хасан РоханиФотографија: picture-alliance/AP

Претседателот Рохани во својата земја е под притисок, од него се очекува брз напредок кој води кон укинување на санкциите. Иранскиот духовен лидер, ајтолахот Али Хамнеи, наводно на Рохани му дал рок од половина година за постигнување резултати. „Рохани мора да покаже успех, кога ќе ги презентира резултатите во Техеран. Тоа е тешка положба во која тој мора да балансира“, вели за ДВ Штефен Мејер од германската фондација „Наука и политика“.

Борба за пазар

„Мислам дека е пресудно тоа што ќе го понуди Западот, и во тоа санкциите сигурно ќе играат важна улога“, вели Јенс Петер Штефен од Здружението на лекари за спречување нуклеарна војна. За да го поддржи курсот на Рохани, Западот мора да ги олесни санкциите, се согласува и Фатолија-Неџад. Но тоа е полесно да се каже отколку да се стори.

За тој чекор, да речеме, американската администрација под Барак Обама мора најпрво да добие согласност од републиканците кои се мнозинство во Претседателскиот дом во Конгресот. „Тие не мораат ги делат секогаш ставовите на Обама, според кои со намалување на санкциите ќе се унапреди процесот на преговорите“, смета Мејер.

Покрај тоа, Русија и Кина имаат полза од санкциите, па можеби и не се заинтересирани за брзо решавање и приближување на Западот и Иран, смета Фатолах-Неџад.

Криза во нафтената индустрија

„Додека траат санкциите, Кина може да го ужива монополот за извоз“, објаснува Фатолах- Неџад, а „ако Иран, по укинувањето на санкциите влезе во трката за пазари на природен гас и на нафта, Русија би можела да ја изгуби позицијата на главен снабдувач на Европа“. Истовремено, и на Иран тој натпревар нема да му биде лесен. „Иранското производство на нафта многу опадна, првенствено поради тоа што нема големи инвестиции“, вели Фатолах-Неџад. „За тоа да се зголеми, ќе биде неопходно учеството на Западот.“

Themenbild Atomkraft Iran

Но за тоа е потребно повеќе од обновување на економските врски- неопходно е да се олеснат санкциите во финансискиот и банкарскиот сектор, бидејќи токму тие доведоа до тешка финансиска криза во Иран. Ако санкциите постепено се укинуваат само во одредени области, на пример во нафтената индустрија и рударството, ќе биде тешко да се постигнат позитивни ефекти за иранската економија.

„Постои сложен режим за разни санкции, некои воведе Америка, некои ЕУ или Советот за безбедност“, објаснува Мејер. „Во таква мрежа е многу тешко да се преземат чекори кои на иранска страна ќе имаат позитивен економски ефект.“