1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ги чека Груевски и Ахмети?

7 јуни 2011

Досегашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе продолжат да владеат, почитувајќи го веќе еднаш постигнатиот неформален договор дека победниците во македонскиот и албанскиот електорат ќе составуваат Влада.

https://p.dw.com/p/11VXv
Никола Груевски по изборите на 05.06.2011
Никола Груевски по изборите на 05.06.2011Фотографија: dapd

Ваквото неформално правило се вгради во политичката пракса во Македонија, по постигнатиот договор Груевски-Ахмети, уште пред парламентарните избори 2008 и нивно двотретинско владеење, што не го загрози Бадентеровиот модел при донесувањето на таканаречените закони за националните права на Албанците, ниту приоритетите од европската агенда што мораа да се гласаат со 81 пратеник.

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/Stojanovski

По изборите владејачкиот тандем може да биде задоволен и поради организацијата на фер и демократски избори, без насилства, за што токму ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја имаа одговорноста и пред меѓународната заедница. Извесноста на нивните победи ја прогнозираа речиси сите анкети во предизборјето.

Идната владина соработка не е доведена во прашање, иако парламентарната поддршка е намалена за десетина пратенци од претходниот состав. Извршната власт ќе има поддршка од седумдесетина пратеници, десетина помалку од претходниот состав, но сега со силна опозиција, што ќе ги принуди на поголема меѓусебна соработка и кохабитација во политичкиот дијалог со опонентите, зајакнатите СДСМ и ДПА.

Коалиционите партнери и спорот околу името

Пред изборите, во одделни интервјуа, партиски челници од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си делеа пофалби за успешноста во соработката, иако тивко тлее различноста во ставовите околу брзината за решавање на спорот со името и деблокада на членство во НАТО. Во изборната кампања името не беше дел од пропагандната реторика. На притисокот во албанската средина и тврдењата дека ДУИ е заложник на патриотизмот на Премиерот, Ермира Мехмети минатата недела ни‘ одговори:

„Намерно одбравме да бидеме повнимателни во реториката, наспроти некои политички конкуренти кои ветуваа дека за три месеци ќе го решат името и ќе ја внесат државата во НАТО. Тоа се нереални рокови и проценки“, кажа Мехмети-Деваја за ДВ.

Али Ахмети: Доколку не дојде до решение за името нема да имаме економски просперитет
Али Ахмети: Доколку не дојде до решение за името нема да имаме економски просперитетФотографија: MIA

Лидерот на ДУИ, по неговата охридска средба со ЕУ-челникот Жозе Мануел Баросо, Али Ахмети на прашањето дали Груевски му пренесол дека во Вашингтон дал гаранции оти наскоро ќе се најде солуција за спорот околу името, одговори:

„Јас немам такви информации, но мислам дека САД се залагаат за брзо решение и ние тоа го поддржуваме. ДУИ инвестираше во стратешкото партнерство со САД и конечно имаме потреба да ги затвориме сите отворени прашања и противречни односи што ја влошуваат меѓусоседската соработка. Доколку не дојде до решение ние нема да имаме економски просперитет, а сериозно можат да се влошат и меѓуетничките односи, но и да се комлицираат нашите релации со соседите“, рече лидерот на ДУИ.

Ќе има ли промена во ресорите?

Со доза на внимателност околу името, веднаш по изборите, настапи и идниот мандатар. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред еуфоричните партиски функционери со порака за приоритетите: „ Колку што е мошно побрзо да се разрешат проблемите и земјата да стане членка на ЕУ и НАТО. Се разбира внимавајќи на важните работи за нашиот народ и достоинство“, изјави Груевски.

Идната Влада ќе се соочи и со противречноста - како да продолжи со прием на Албанци во јавниот сектор во услови на пребукирана администарција, чиј буџет не може да го издржи македонската економија. Во новинарските анализи пред изборите се структурираше новиот кабинет, при што во распределбата на ресорите се навестуваа поместувања, затоа што интегративците претендираат и на министерство за надворешни работи.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема