1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што го очекува новиот папа?

Гинтер Биркеншток / Александар Методијев14 март 2013

Суштината на изборот на новиот папа на Римо-католичката црква не е во тоа кој ќе биде нејзин поглавар, туку што идниот папа ќе направи по прашањето за реформите. Новиот папа ќе биде соочен со бројни предизвици.

https://p.dw.com/p/17wdX
Фотографија: REUTERS

Најголемо внимание во Европа привлекуваат прашањата за екуменизмот, застарениот сексуален морал и положбата на жената во Римо-католичката црква. Во локалните цркви жените извршуваат голем дел од работата. Истовремено нив речиси и да ги нема на водечките позиции, дури и таму каде што прописите го дозволуваат тоа. Се’ погласни се барањата и на жените да им се даде можност да станат свештеници.

Уште една важна тема е целибатот. Над 80 проценти од германските граѓани се надеваат дека следниот папа ќе ја укине забраната за женење на католичките свештеници, така барем покажа истражувањето на институтот Форса од февруари оваа година. Многумина сметаат дека промените се неопходни и во однос на луѓето кои по разводот стапуваат во нов брак, бидејќи според важечките прописи таквите верници не смеат да примат причесна.

Jorge Bergoglio ist neuer Papst
Аргентинскиот кардинал Берголио е папа ФранцискФотографија: AFP/Getty Images

Теологот Ханс Кинг верува дека промената на конзервативните ставови не може да се заобиколи. За да не загуби уште повеќе верници, во црквата мора да има придвижување по прашањата за разводот, контрацепцијата и абортусот.

Случаите на злоставувањата се’ уште не се решени

Скандалите, поврзани со злоставувањата во католичките установи, во минатите години силно ја потресоа црквата. Многу критичари, меѓу кои е и швајцарскиот теолог Лео Карер, сметаат дека заднината на тие скандали не е разрешена до ден денес. Освен тоа, на Карер му пречи и начинот на кој раководството на црквата во Рим го користи својот авторитет. Тој се сложува со забелешките на бројни католици, кои сметаат дека Ватикан често не ги сфаќа сериозно.

Vatikan Papstwahl 2013 Konklave
Жените треба да бидат застапени и на повисоките позиции во цркватаФотографија: picture-alliance/AP Photo

Марко Полити, новинар и познавач на Ватикан, смета дека и многу кардинали веќе сфаќаат дека е неопходна итна реконструкција на Римската курија. Значајно е папата да добива повеќе информации пред да ги донесе своите одлуки. Со други зборови, не може да се игнорира повикот за поголема транспарентност и демократски структури во Ватикан.

Папата мора да најде многу одговори

За папата постојат различни предизвици во различните делови од светот. На пример, католичката вера во Латинска Америка е посебно силна. Новиот поглавар на црквата ќе го посети Рио де Женеиро на Светскиот ден на младите – во јули. Тоа ќе биде многу значајна прва средба за милиони верници. Црквата мора да понуди одговори на трговијата со дрога, насилството, сиромаштијата и корупцијата.

Vatikan Papst Nachfolge
Папата Бенедикт Шеснаесетти по повеќе столетија се повлече од папската столицаФотографија: REUTERS

И католичките верници од Африка очекуваат новиот папа да ги придвижи работите. Тој континент добива се’ поголемо значење од гледна точка на Ватикан. Членовите на црквата се ангажирани во борбата против СИДА-та, недостатокот на храна и економскиот „колонијализам“. Омразата на исламските екстремисти и нивната агресија против христијаните во Африка станаа дел од глобалниот прогон против христијаните.

Азија во последниве години е стратешки важна за целиот свет, па и за црквата. Германскиот папа не ја посети Азија, а за време на неговиот мандат постојано имаше неволји со политичарите во Пекинг, бидејќи и тие сакаат да ја контролираат религијата. Само неколку проценти од Азијатите се христијани, иако во тој регион се наоѓа мнозинството од светското население. Тоа е предизвик за црквата која сака да проповеда евангелие.

Предизвик претставува и кризата на верувањето во западниот свет, како и до сега неразјаснетиот однос на мајката црква со „заблудените ултраконзервативни синови“. Многу работи зависат и од потеклото на папата, односно од кој континент тој ќе дојде. И кога ќе дојде, дали ќе биде подготвен да тргне по нов пат?