1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што да се прави со куќата на Хитлер?

Биргит Герц/ Симе Недевски26 мај 2013

Станува збор за жолта трикатница, делумно реновирана но празна зграда во која може да се смести се' и сешто. Па, сепак, околу неа веќе со години се кршат копја. Не е ни чудо, тоа е куќата во која е роден Адолф Хитлер.

https://p.dw.com/p/18e9k
Фотографија: dapd

Салцбургер Форштад 15, Браунау, Република Австрија- на оваа адреса се наоѓа зградата од три ката која веќе со години зјае празна. Не смее да се урне затоа што е под заштита на градот Браунау, иако тоа според некои би било најдобро решение. Имено, дебатата околу изнајмената куќа во која во април 1889. година е роден Адолф Хитлер, трае веќе со години и за сега вистинско решение не е на повидок.

Досега на оваа адреса некое време се наоѓале градска библиотека, банка, дури и училиште. До пред половина година тука се наоѓаше работилница во која работеа физички хендикепирани лица. Меѓутоа, ниту едно од овие решенија долгорочно гледано не се покажало најдобро, а моментално зградата со жолта фасада е повторно празна. Неодамна во австриските медиуми повторно се појавија приказни и стари теории според кои споменатиот лидер на нацистите, всушност не е ни роден на ова место, на границата помеѓу Австрија и Германија.

Adolf Hitler in Braunau
Адол Хитлер во Браунау во 1938 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

Спонзори од Холивуд

Историчарот Андреас Маислингер кој живее во Браунау, вели дека е шокиран со ваквите написи во медиумите. „Би било подобро кога конечно би признале и рекле: Да, овде кај нас се наоѓа куќата во која е роден Хитлер. Ние не сме воопшто виновни, но ќе го сториме најдобро што можеме од овој факт. Со тоа што тврдиме дека Хитлер не е тука роден, ја избегнуваме вистината и не се соочуваме со неа“, вели Маислингер. Тој својот предлог го изнесол уште во 2000. година. Куќата во која е роден Адолф Хитлер, сакал да ја претвори во „Куќа на одговорност“, која со своите содржини би се занимавала како со соочување со нацистичкото минато така и со темите врзани за иднината. За својот план и идеи успеал да најде доволен број спонзори. Еден од нив требал да биде Бранко Лустиг, продуцент на филмот „Шиндлерова листа“. Меѓутоа, неговиот предлог не наишол на воодушевување и поддршка.

Последниот збор го има министерството за внатрешни

„Колку што ми е познато, на оваа идеја се спротиставила и сопственичката на оваа куќа, Гертруда Помер. Таа е против тоа од оваа зграда да се направи некое спомен обележјеј“, вели градоначалникот на Браунау, Ваидбахер. Семејството на Гертруда Помер оваа зграда ја купила уште пред Втората светска војна, а по 1972. година, киријата која изнесува 4.700 евра и ја плаќа самата Република Австрија. Друг актуелен предлог е во оваа зграда да се смести Народниот универзитет. Според мислењата на историчарот Маислингер, ниту тоа во принцип не би било лошо решение. „Единствен проблем е што со тоа лесно би можело да се добие впечаток, дека со социјалната намена на оваа куќа, ова место оденаш ќе добие позитивен имиџ“, вели тој.

Geburtshaus Adolf Hitler in Braunau
Родната куќа на Хитлер во 30-те години на минатиот векФотографија: picture-alliance/dpa

Со други зборови, дебатата околу намената на родната куќа на Хитлер и понатаму трае. Судејќи според се' последен збор по ова прашање, а со тоа и конечно решение би можело да донесе австриското Министерство за внатрешни работи.