1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што донесе Нимиц во својот куфер?

Горан Момировски18 март 2008

Република Македонија Скопје, Нова или Горна Македонија се трите предлози на медијаторот Метју Нимиц за решение на спорот за името. На Македонија и‘ се дава можност да ги користи придавките македонска и македонски.

https://p.dw.com/p/DQWS
Метју НимицФотографија: Macedonian Information Agency

Предлозите на Нимиц кои ги задоволуваат само грчките барања за географска дистинкција од северниот грчки регион Македонија, се креирани од страна на медијаторот и американскиот Стејт Департмент. Основна појдовна точка при нивната изработка е реалниот политички момент пред самитот на НАТО, односно проценката дека Грција не би прифатила ниту едно друго име за Македонија, а Македонија, поради НАТО, би се согласила на нов компромис. Евентуалното ново име на земјата би се користело за меѓународна употреба и меѓународни организации, како и во билатерални односи, а уставното би важело само за внатрешна употреба. На ваквиот предлог се спротивставил грчкиот амбасадор во преговорите за имети, Адамантиос Василакис, барајќи Македонија дури и во своите граници да го користи новото име, доколку го прифати. Единствениот позитивен момент за земјата во новите предлози на Нимиц е предлогот во описот на националноста и јазикот да остане зборот македонска и македонски, со што стратезите во Вашингтон сметале дека ќе се зачува националниот идентитет и би се оставил простор за властите во Скпје да го прифатат.

Оптимизам и нова средба

Нимиц е оптимист дека двете страни наскоро би можеле да најдат заедничко решение. Во прашање се добрите односи меѓу двете земји, но и регионалната стабилност во пресрет на самитот на НАТО и финалето на косовската разрешница, смета медијаторот, кој побара Скопје и Атина да се обидат да најдат решение во најкус рок. Нимиц најави нова средба во Њујорк што треба да се одржи наредната недела. Македонски извори велат дека до неа би дошло само доколку владата и претседателот се согласат дека Нова, Горна или Република Македонија Скопје се прифатливи варијанти, нешто што во моментов изгледа многу тешко веројатно. Внатрешните политички тензии меѓу Македонија и Грција нема да влијаат во преговорите за името. За нив во Виена воопшто не се разговарало.