1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што започна во репрезентацијата, Клинсман ќе го продолжи во Баерн

14 јануари 2008

Германските натпреварувачи во класичните дисциплини имаа извонреден викенд, па сепак спортска топ-тема во Германија е враќањето на Јирген Клинсман на домашната фудбалска сцена како тренер на Баерн Минхен.

https://p.dw.com/p/CpWT
Јирген КлинсманФотографија: AP

Фудбалска „бомба“ во Германија на три недели пред почетокот на

пролетниот дел од првенството во Бундеслигата: Јирген Клинсман ќе го преземе Баерн – но дури по крајот на првенството, од 1-ви јули. Дотогаш на кормилото останува Отмар Хицфелд, кој на лето, пак, се сели во Швајцарија, за да биде тренер на репрезентацијата на таа земја. Многу имиња беа спомнувани како можен наследник на Хицфелд - Жозе Мурињо, Хус Хидинк, Армин Фе, Јирген Клоп... но никој не сметаше на поранешниот сојузен тренер, творец на летната бајка од 2006-та, кога германската репрезентација ја доведе до третото место на светското првенство.

Претседателот на Управниот одбор на Баерн Карл-Хајнц Румениге во петокот попладнето официјално соопшти: „По многу и големи шпекулации во медиумите во изминатите недели околу наследникот на Отмар Хицфелд, драго ми е да ви ја соопштам изворедно радосната вест дека со Јирген Клинсман се договоривме за партнерство. Тој потпиша двегодишен договор. Би сакал изрично да нагласам дека успеавме во Баерн да го донесеме својот апсолутно посакуван кандидат“.

Самиот Клинсман во петокот на прес-конференцијата во Минхен, кога официјално беше претставен како иден тренер на Баерн, вака ги опиша првите контакти: „Кога кратко пред Божик дојде првиот телефонски повик, решението всушност емоционално беше бргу донесено, по разговорот со мојата сопруга за тоа дали може да си претстави со целото семејство повторно да се преселиме во Минхен, каде пред 10 години ни се роди синот Џонатан. Таа рече: ’Да, можам да си замислам“.

Од тој момент почнале многубројни телефонски разговори и преговори. Набргу бил постигнат договор за двегодишен ангажман. Претседателот на Надзорниот одбор на Баерн, германскиот фудбалски „кајзер“ Франц Бекенбауер, оцени: „Ова беше добро обмислено, мудро, секако и многу смело решение. Најважно е дека тој верува во себе и се надевам дека пред нас е добра и успешна иднина“.

Односите на Клинсман со Хенес не беа секогаш хармонични

Клинсман во новата улога би требало да се надоврзе на она што го правеше со германската репрезентација. Неа тој ја презема во 2004-та година во многу лоша состојба и за само две години ја доведе до трето место на светското првенство, со фудбал што воодушеви. Тоа за Баерн беше пресудно за изборот на Клинсман, вели менаџерот на Баерн Ули Хенес: „Кому му успеа од тој проблем на германскиот фудбал да направи таква репрезентација, како што му успеа нему, убеден сум дека ќе го постигне тоа и во клуб како Баерн“.

А токму односот на Хенес со Клинсман во минатото не беше хармоничен. Несогласувања меѓу нив имаше уште кон средината на 90-тите години, кога Клинсман две години настапуваше како играч за Баерн. И пред светското првенство од редовите на Баерн имаше критика на поедини потези на Клинсман. „Од мој агол на гледање многу се радувам дека со Јирген имаме човек со поинакви мислења, кој со репрезентацијата одеше по нови патишта. Многу често контроверзно дискутиравме, но секогаш суштински. Многу почесто разговараме меѓу себе, отколку што луѓето забележија и мислам дека тоа за обете страни беа плодоносни разговори“ – рече Хенес.

Јирген Клинсман како играч во периодот од 1995-та до 97-ма со Баерн освои првенство на Германија и Куп на УЕФА. Сега е возбудливо што ќе донесе иднината. Ако Баерн со Клинсман освои Лига на шампиопните, тоа ќе биде полн погодок, ако пак не успее, веројатно наскоро патиштата повторно ќе им се разијдат.

Реакции на изборот на Клинсман

Отмар Хицфелд е задоволен од изборот за негов наследник: „Сметам дека е ова првокласно решение. Јирген имаше многу добро светско прввенство со репрезентацијата, оттука и доволно искуство за да може да го води Баерн“.

Играчите на Баерн вака реагираа на веста за идниот тренер:

Вили Сањол: „Мислам дека е одлично што раководството веќе сега донесе решение, оти новиот тренер вака ќе има време да размисли, да го набљудува тимот, да види што ни тѕреба и што не ни треба“.

Бастијан Швајнштајгер „Мислам дека е тој многу добар мотиватор, знае како се чувствуваат ограчите оти и самиот беше голем играч, па може да се стави во нивна положба, посебно кога се во прашање напаѓачите. Тоа е неговата силна страна“.

Лукас Подолски: „Имам добро искуство со него од светското првенство и во тешкиот период пред мондијалот. Заеднички имавме добри успесии позитивно гледам на ова“.

Само капитенот на Баерн, голманот Оливер Кан, има лошо искуство со Клинсман, оти го загуби местото на прв голман на репрезентацијата. Оттука и неговата воздржаност: „Тој всушност воопшто и не беше тренер, туку само две години ја водеше репрезентацијата, а нема никакво искуство со клупска работа. Во краен биланс, никој не знае каков е како клупски тренер, ова е негова прва станица, па ќе видиме“.

Извонредни настапи на Германците во нордиските скијачки дисциплини

Настаните околу Клинсман неправедно ги турнаа по малку во сенка германските скијачи во нордиски дисциплини. Со извонредни резултати на три недели пред светското првенство тие покажуваат дека добро ја темпираат формата, оти почетокот на сезоната беше под очекувањата, под нивното вообичаено ниво. Но, сега одеднаш на викендот во два дена две победи на биатлонецот Михаел Грајс во Руполдинг. „Со она што денеска го прикажав сум апсолутно задоволен, тоа ми даде нов поттик. Никој не сметаше ни на тимската сплотеност, која сите силно не радува“ - изјави трикратниот олимписки шампион Михаел Грајс по саботната, прва победа во новата сезона. Водството во светскиот куп, инаку, го задржа Норвежанецот Оле Ајнар Бјерндален.

Кај жените во Руполдинг најдобра беше Норвежанката Золвејг Рогстад, а на Германката Кати Вилхелм и’ беше доволно второто место за да го преземе водството во светскиот куп од сонародничката Мартина Глаго, која во Руполдинг беше само 15-та.

Себастијан Хазенај вчера во Вал ди Фиеме, во Италија, ја постигна првата победа во оваа сезона во нордиска комбинација - скијачки скокови и спринтерско скијачко трчање на 7 ипол километри. Рони Акерман беше петтопласиран, но го одбарни водството во светскиот куп севкупно.

Клаудија Пехштајн на Европското првенство во брзо лизгање во Коломна, Русија, во четвртата трка на 500 метри го загуби речиси сигурниот бронзен медал. Првенка стана Холанѓанката Ирен Вист.

Досега на успеси претплатените германските санкачи во Чезана за прв пат воопшто останаа без медал на екипното Европско првенство.

Во алпско скијање Американецот Боди Милер победи во спустот во Венген, како и минатата година. Тоа е негова 27-ма победа во трка од светскиот куп.