1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што кријат српските власти за Косово?

Ивица Петровиќ / Александар Методијев22 јуни 2012

Јавноста во Србија посредно дознава што всушност е договорено меѓу Белград и Приштина. Тоа е потврда дека политичарите ја eмаат сфатено сериозно пораката од претходните избори.

https://p.dw.com/p/15JCZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Посетата на посредникот на ЕУ во дијалогот меѓу Белград и Приштина беше пред се’ со цел да се поттикне продолжувањето на техничкиот дијалог, оценува за Дојче веле политичкиот аналитичар Душан Јањиќ. Тој смета дека новиот српски претседател мора од прва рака да се „запознае со обврските кои преостануваат, како на ниво на примена, така и за прашањата кои треба да се разгледуваат“. За аналитичарот Јањиќ ова е најава за продолжување на техничкиот дијалог меѓу Белград и Приштина.

Средбата меѓу Николиќ и Јахјага – признавање на Косово?

Tomislav Nikolic Präsident Serbien EU Kommission Hauptquartier in Brüssel
Средбата со Атифете Јахјага може да значи признавање на КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Професорот на факултетот за политички науки Предраг Симиќ забележува дека, во ова запознавање меѓу новите политички партнери, најголемо изненадување може да биде најавата дека Томислав Николиќ е подготвен да се сретне со претседателката на Косово Атифете Јахјага.

„Но, како што мене ми се чини, таа средба може да се случи само со интонирање на две државни химни и тоа да значи формално признавање на Косово од страна на Белград. Така што, ние сега имаме многу недоумици, а ми се чини дека барем во овој момент немаме доволно одговори од властите во Белград за тоа каква е новата, односно идната политика на Белград кон Косово“, забележува професорот Симиќ.

Посредни сознанија за Косово

Кога станува збор веќе за она што е договорено меѓу Белград и Приштина во тој дијалог, се покажа дека српската јавност на посреден начин дознава детали од тие договори. Дури кога се појавија пречките во формирањето на владата, лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ ги обелодени најавите за отворањето на канцеларија на Белград во Приштина и обратно, како и за новиот повикувачки број за Косово. Душан Јањиќ смета дека Дачиќ, како член на владата, морал за тоа да биде известен и оти тоа е политичка злоупотреба на фактот дека Борислав Стефановиќ лошо ја одработил својата работа.

„А, повторно да бидеме на чисто, тој лошо ја работеше својата работа, бидејќи така го водеше Борис Тадиќ. Тадиќ јасно кажа во српското собрание дека тој е оној кој треба да се обвинува и дека тој ги води сите преговори. Затоа сега постои и таа идеја на меѓународната заедница преговорите да се водат на повисоко ниво, бидејќи никој не може да се крие зад понизок чиновник“, смета аналитичарот Јањиќ.

Блефирањето на Тадиќ

Проблемот е што тој вид на нетранспарентност ќе нанесе штета не само на Борис Тадиќ и Борко Стефановиќ, туку и на интересите на Србија, предупредува Јањиќ. Сега се поставува прашањето - зошто тие се одлучија некои работи да ги кријат и со нив да манипулираат, прашува Јањиќ.

Afitete Jahjaga
Атифете ЈахјагаФотографија: DW

„Првата причина е нивното вкупно сфаќање на политиката како маркетинг. Втората причина е нешто на што Тадиќ на некој начин се обврза пред неколку години со своите изјави дека ќе најде решение за Косово што ќе ги задоволи сите, вклучувајќи го и Брисел и Вашингтон. Тој такво решение немаше, што би се рекло блефираше, а потоа сметаше дека е подобро работите да се искомплицираат и потоа да бара изговори во наводниот ризик“, смета аналитичарот Душан Јањиќ.

Не ја сфатија пораката

Предраг Симиќ истакнува дека тоа што посредно се дознава што всушност е договорено меѓу Белград и Приштина, е само показател дека политичарите не ја сфатиле сериозно пораката од претходните избори. А, таа порака е дека довербата во политиката и политичарите е во голем пад.

„Поради тоа, имам впечаток дека кога би отишле денеска повторно на избори, апстиненцијата би била уште поголема“, смета професорот Симиќ.