1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што му даде белег на есенскиот дел на Бундеслигата?

22 декември 2003

Полусезоната "видена" статистички

https://p.dw.com/p/AeoL

Вердер Бремен по петти пат ја завршува полусезоната на првото место. Тоа во принцип е добар знак, ако и' се верува на статистиката: во досегашните 40 првенства, есенскиот лидер во 27 случаи на крајот стана и шампион. Но, Вердер досега остана под тој просек - четирите негови есенски први места во само два случаја беа одбранети до крајот на првенството. Во овој поглед Борусија Менхенгладбах беше особено ефикасна: во сите четири случаи кога на крајот на есента беше на прво место, ја освои титулата, а покрај тоа уште еднаш - во сезоната 1970/71-ва го освои првенството, иако Баерн Минхен беше најдобар во есенскиот дел. Баерн пак, 13 есенски претвори во 11 шампионски титули, а покрај тоа уште четири пати им го расипа конечното славје на други екипи кои беа есенски прваци.

Изминатава фудбалска есен донесе рекорден број гледачи - 5 594 534, односно просек од 36 566 по натпревар. Тоа е за вкупно 450 илјади гледачи повеќе од досега рекордната есен 2001-ва. Магнет за домашната публика пред се' е Борусија чии средби во Дортмунд просечно ги следат по 77 500 гледачи. Дуелот со Баер Леверкузен од 13-тото коло привлече 81 500 гледачи на стадионот во Дортмунд, што е највисока посета на натпревар од Бундеслигата за последните 28 години. Шалке има просек од нешто повеќе од 61 илјада, Баерн 60 500. Есенскиот првак Вердер е во средината на оваа табела со нешто помалку од 39 илјади гледачи, речиси ист просек како и Келн, кој е во дното на табелата. Келн, како и Ајнтрахт Франкфурт - и особено Хановер, имаа на располагање само ограничени капацитети на стадионите кои се во фаза на реконструкција односно градба за светското првенство 2006-та.