1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што носи најавеното примирје на ЕТА?

24 март 2006

Баскиската терористичка организација ЕТА најави од денеска трајно примирје.

https://p.dw.com/p/Ae2t
Тројца маскирани припадници на ЕТА
Тројца маскирани припадници на ЕТАФотографија: AP

Откажувањето од насилство треба да овозможи почнување на „демократски процес„ што на Баскисците ќе им овозможи подоцна слободно да решаваат за сопствената иднина. При тоа е битно да се забележи дека ЕТА во коминикето не зборува за дефинитивно полагање на оружјето, како што тоа го побара владата во Мадрид. Затоа таа најавата на терористичката организација ја оценува како знак на надеж и добра вест за сите Шпанци, но истовремено предупредува дека е неопходна претпазливост. Коментар на Оливер Глаап.

Ајде тогаш претпазливо да ја проанализираме и пораката на ЕТА. Таа најавува трајно примирје. Тоа е во секој случај подборо од ништо. Ваквите најави на терористите, колку тоа и да ни се чини чудно, до сега се покажуваа како веродостојни. Дотолку оваа вест е навистина добра. Таа значи дека Шпанија во некое догледно време ќе остане поштедена од терористички напади на ЕТА.

Но, со препорачаната претпазливост, мораме веднаш да напомнеме дека тоа е примирје по милост на терористичката организација. Таа може во секој миг да го прекине и повторно да сее страв и смрт ширум Шпанија. Од таа гледна точка, ова и не е вест за големо радување. Конзервативната опозиција во земјата со право нагласува дека ЕТА не се откажала од нејзините криминални активности, дека не манифестира покајување за стореното и не ги моли жртвите и нивните најблиски за прошка. Такво нешто впрочем никој не ни очекуваше – барем не за сега!

Овој потег на ЕТА би можел да го стави под притисок премиерот Запатеро. Тој уште пред некој месец најави готовност за разговори со баскиските сепаратисти, доколку тие го положат оружјето. При тоа Запатеро го користеше терминот „дијалог„ , а не преговори, со што јасно стави на знаење дека не е подготвен да ја плати политичката цена за мир во Баскија – исто како ни неговите претходници на премиерската функција. Тоа значи дека ни под неговото владеење нема да се отвори шанса за државна независност на Баскија. Така она што ЕТА не успеа да го изнуди по пат на насилство во сите овие децении, нема да може да го изнуди ни по пат на преговори. А и кога би дошло до нив, позициите на двете страни се толку различни, што би било тешко да се најде и заеднички именител за нивен почеток, а камоли за некаков завршен резултат. Тоа го покажаа и последните разговори пред 7 години.

Покрај сето, владата би требала барем да ги разгледа можностите за дијалог. Таа не смее да пропушти ниту една шанса за разговори, особено бидејќи земјата со години беше заложник на теророт. И доколку во насока на толку посакуваниот мир нешто можат да помогнат и разговори, покрај тешката работа на полицијата, тогаш и тие треба да се водат. При тоа е битно владата да не прави отстапки од напред и да се обиде во разговорите да ги вклучи и другите демократски партии.

Битно и решавачко прашање во сето е дали баскиските терористи го направија овој чекор поради успесите на полицијата? Дали слабеењето на позициите на терористичката организација придонесе за нејзино повлекување од максималистичките барања? Релативно умерената реторика од најновото соопштение би можела да укажува на тоа. Но, останува и понатаму отворено дали тоа е навистина така! Затоа е неопходна висока будност и нервна стабилност.

Во секој случај на прашањето, дали е ова мало светло на крајот на тунелот – одговорот гласи: да, но тунелот е долг и во секој миг може да се претвори во ќорсокак!