1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што носи олимписката победа?

Оливија Фриц / Александар Методијев31 јули 2012

Олимписката победа за речиси секој спортист е најголемото нешто што може да го постигне во својата дисциплина. Златниот медал носи интерес за спортот, слава и веројатно спонзори. Или, исто така и не носи.

https://p.dw.com/p/15gl8
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Не знаев дали треба да се смеам или да плачам. Навистина беше супер да се слушне химната, на овој стадион да се стои, да се гледа германското знаме и да се види медал за првпат. Си мислев – да, медалот е супер и ми значи нешто, но се’ уште го немам фидбекот од тоа“, изјави олимписката победничка Лена Шенеборн.

Таа се’ уште блеска кога мисли на Пекинг. Нејзиниот триумф во современиот петобој имаше големо придвижување – никогаш претходно не беше толку висок интересот за нејзината спортска дисциплина, современиот петобој. Одеднаш се зголемија пријавувањата во клубовите, а пред се’ девојчињата сакаа да научат толку добро да трчаат, пливаат, мечуваат, јаваат и пукаат како Лена Шенеборн.

Lena Schöneborn
Лена ШенеборнФотографија: picture-alliance/dpa

„Ако можам да претставувам идол, тогаш тоа секако дека ме радува. Во тој случај се чувствувам многу почестено“, вели Шенеборн.

Таа по освојувањето на златниот медал пред четири години може да живее само од својот спорт.

Покрај фондацијата Германска спортска помош, која финансиски ги поддржува германските врвни атлетичари, за убавата спортистка се „тепаат“ и бројни производители на спортска опрема и спонзори. Покрај тоа, студентката сака за периодот по спортот да си овозможи втор приход.

Живејачка од златен медал

Исто така и за германската олимпијка во мечување, која течно го зборува кинескиот јазик, Брита Хајдеман многу работи се променија по нејзиниот златен медал во Пекинг.

„Јас забележав во последниве четири години, дека во мојот живот се’ почна повеќе да се врти околу спортот, иако покрај спортот правам и многу работи. Јас давам иницијативи за мечување, држам предавања за ментална сила, мотивација, вистински баланс и исто така често патувам во Кина, како амбасадорка меѓу Германија и Кина“, забележува Хајдеман.

Deutschland Olympia Mannschaft Nominierung Britta Heidemann
Брита ХајдеманФотографија: AP

Рекламните договори, бројните интервјуа во безбројните телевизиски шоуа и долготрајните односи со Кина одеднаш го определуваа животот на мечувалката. Тоа се забележа и на спортски план. Во 2011-та на Светското првенство во Италија таа беше 126-та, што претставува најниската точка во нејзината кариера. Исто така и мечувалецот Бенјамин Клајбринк одеднаш ја загуби мотивацијата по олимписката победа во Пекинг. Тој направи пауза.

И други освојувачи на олимписки медали продолжија слично. Кралицата на бијатлонот Магдалена Нојнер на рана 20 годишна возраст го постигна врвното достигнување во кариерата и потоа одлучи да прекине.

Пари од премии

Олимписката титула носи и пари. Меѓународно постојат големи разлики во премиите. Сопственик на рудник во Малезија понуди награда во вредност од половина милион евра за носителот на злато. Русија нуди 100.000 евра, а исти суми исплаќа и Бугарија, Литванија и Белорусија. Американскиот пливач Мајкал Фелпс може да се надева на 75.000 евра по победа, а светските рекорди се исплаќаат дополнително.

Magdalena Neuner
Магдалена НојнерФотографија: picture alliance / dpa

Тоа се бројки за кои германските спортисти можат само да сонуваат. 15.000 евра добива германски спортист за златен медал од фондацијата Германска спортска помош.