1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што посакуваат Македонците во Новата година

1 јануари 2012

Политичарите, бинисмените, јавните личности си ги кажаа очекувањата и желбите за Новата година, за себе и околината. Што очекуваат граѓаните, младите и пензионерите, вработените но и оние без работа?

https://p.dw.com/p/13cT6
Колку луѓе, толку желби во Новата годинаФотографија: Fotolia/sommersprossen

Лепеза од желби и очекувања, почнувајќи од оние стандардните-многу здравје, љубов и бериќет, па се‘ до вработувања, како најзастапена желба, подобра бизнис клима, членство во НАТО, решавањето на проблемот со името, па се до егзотични патувања, кои, за жал, за малкумина се реално остварливи.

Лепеза од желби

Секоја Нова година се редат истите желби и очекувања - многу здравје, бериќет и љубов, како најпосакуваните новогодишни желби кај сите граѓани и насекаде во светот, а не само во Македонија. Секој за себе, својот најблизок и пријателите посакува само најдобро, посакува успех и просперитет. Но, сите ние имаме и посебни желби, очекувања, надежи. А тие, пак, најмногу зависат од возраста и општествениот статус на соговорникот, па се движат од пакетчиња, играчки и облека за најмладите, „ајпади“, „ајфони“ за тинејџерите, матурирање, дипломирање и вработување за младите, преку напредување во кариерата, обезбедување покрив над главата или почеток на самостоен бизнис, па се‘ до поексклузивните- патувања на Хаваи, добивање дијаманти и друго.

Mazedonien Land und Leute
Вработување е една од најчестите желбиФотографија: DW

Младешки сонувања

„Сакам или поточно очекувам во оваа година, веќе во мај, да дипломирам и од есен да заминам на некое студиско патување во странство. Тоа ми е желба уште од самиот почеток на студирањето, а очекувам да заминам во некоја, за нас, егзотична земја, што најмногу ќе зависи од квантитетот на понудите за пракса во странство“, вели апсолвентот Бојан, за своите новогодишни желби.

Студентот Гордан, пак, се надева дека следната година ќе заврши со студирањето и дека ќе најде работа, за која е свесен дека тешко се наоѓа, но за оваа своја цел очекува помош од родителите.

Средношколецот Роберт, пак, посакува годинава конечно да го убеди родителите да му купат „таблет“, што го бара веќе една година. Знае дека е скапа играчка, ама ...

„Очекувам успешно да ја положам матурата, и тоа со максимални бодови, за без проблеми да се запишам на Правниот факултет“, вели матурантот Ристе, кој како и неговите другари се надева дека во 2012 година ќе имаат барем малку повеќе пари во џебовите.

Оптимисти и песимисти

„Велат дека оптимистите не се доволно информирани, а песимистите имаат премногу информации. Човековата природа, сепак, се темели на надеж и убави очекувања. Сакам место очекувања да зборувам за желба: дека конечно ќе стивнат валутните играња на светските пазари, дека и Грција и Македонија ќе соберат повеќе храброст да ја симнат и формалната пречка за добрососедските односи - името и дека новинарите не само што треба да бидат заштитени од актуелниот прогон за клевета, туку да дојдат во ситуација да нема кој да ти тужи, оти сега ситуацијата во медиумите е од лоша полоша. Лично очекувам добро здравје, бериќет и многу љубов во семејството“, посакува новинарот Столе Наумов.

Бизнисменот Горан вели дека очекува продлабочување на кризата и уште поголемо осиромашување на граѓаните, а лично очекува конечно да ги врати сите кредити што ги има.

„Очекувам годинава син ми да тргне во прво одделение, а ќерка ми да продолжи со одличните резултати во спортот и музиката. Тоа ми е најважно“, вели спортскиот работник Александар.

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

Големи очекувања од Новата година има младата Магдалена, вработена во државната администрација, која вели: „Генерално очекувам повеќе просперитет на цела држава, сериозно намалување на бројот на невработени, и очекувам државата да поведе повеќе сметка за развојот на туризмот - особено селскиот. Лично посакувам годинава повеќе да се посветам на себе“ , вели Магдалена.

Но, во ова новогодишно vox populi имаше и повеќемина соговорници кои изјавија дека не очекуваат ништо подобро од претходната година. За таа ситуација тие со прстот посочуваат кон владата.

„Од владата не очекувам ништо. Зошто? Затоа што таа треба да им овозможи услови на младите за работа. На сите млади, а не само на партиски определените или оние со силни врски. Сакам и ќерка ми да се вработи. Таа лани заврши факултет, а седи дома, затоа што не може да најде работа во струката“, ни изјави 50-годишната текстилна работничка Марица.

Оваа желба ја споделија повеќето од повозрасните соговорници, кои освен добро здравје и редовни пензии, посакаа годинава работа да најдат нивните најблиски.

Среќна Нова 2012 година.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Ж.Ацеска