1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што презема ЕУ против невработеноста кај младите?

Бернд Ригерт/ Симе Недевски31 мај 2013

Финансиската криза ја удвои стапката на невработеност меѓу младите во Европа. ЕУ бара решение и за тоа се водат консултации меѓу државите-членки. Германската канцеларка ги повика колегите на самит во јули.

https://p.dw.com/p/18gID
Фотографија: picture-alliance/dpa

Младата Шпанка Арачели Рубио Перера не успеа да најде работа во својата татковина. Затоа уште од февруари оваа година, преку Брисел, ги следи огласите за работа на европскиот пазар на труд. „Задоволна сум од она што досега таму го видов. Голем број фирми, не само од Белгија, туку и од Велика Британија и Франција, бараат работници. Има многу можности не само за оние со поголемо работно искуство, туку и за луѓе како мене, значи оние кои штотуку започнуваат.“

Европската комисија успеа да ги усогласи „берзите за работа“ во неколку европски метрополи. Системот наречен ЕУРЕС ја опфаќа понудата и побарувачката на пазарите на труд во повеќе европски земји. Комплетната понуда може да се најде на интернет. Меѓутоа, упатените тврдат дека оваа берза претставува само „капка во морето“ од она што навистина е на понуда. Истовремено, само 3 проценти од граѓаните на ЕУ, барем така навестува официјалната статистика, работат во странство тајно.

Структурни реформи се итно потребни

Успешната борба против невработеноста меѓу младите е можна единствено со структурни реформи на пазарот на труд и тоа во сите членки на ЕУ, смета експертот за пазар на труд при германскиот Институт за економски истражувања во Берлин, Карл Бренке. Дури и пред финансиската криза, нивото на невработеност меѓу младите под 25 години во одделни делови во Европа беше двојно поголемо отколку кај останатите. Главната причина за тоа лежи во теориското образување на младите, кои времето главно го минуваат на училиште, а не во погоните, канцелариите и други работни места, каде можат да ги изучат занаетот и професијата, објаснува економистот Бренке.

Апелите не помагаат

Претседавачот со Советот на ЕУ Херман ван Ромпој настојчиво апелира до шефовите на држави или на влади на земијте од ЕУ. Брисел посакува единствен пазар на трудот на територија на Унијата, пред се' во „гарантирањето на работа“ на сите млади луѓе. Идејата е секој кој ќе заврши факултет или соодветно образование, во рок од 4 месеци да добие можност за пракса на соодветно работно место. Иницијативата не е нова. Таа наиде на големо одобрување, но нејзината реализација се' уште не е започната.

Можеби најавениот самит во Берлин нешто ќе смени. Во наредните неколку години ЕУ планира да инвестира 6 милијарди евра во програми кои ќе го намалат нивото на невработеност меѓу младите. Парите би требало да овозможат и повеќе места за изучување занаети, односно практична настава. Нејасно е, меѓутоа, како тие милијарди конкретно ќе бидат инвестирани. Но токму поради тоа германската канцеларка Ангела Меркел во јули, во Берлин, ќе биде домаќин на ресорните министри на земјите-членки на ЕУ. „Кон крајот на годината ќе ги имаме споменатите средства на расплагање. Мораме да седнеме и да видиме, како ќе ги употребиме тие пари. Во наш интерес е во тоа да постои добра координација“, изјави канцеларката.

Spanien Protest Demonstration Puerta del Sol Madrid 15-M
Фотографија: picture-alliance/dpa
Deutschland Spanien Spanische Klempner-Praktikanten
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија веќе има искуство во борба против невработеност кај младите. Во 90-тите години на минатиот век, по обединувањето на Западна и Источна Германија, млади без работа во источните краеви на земјата имаше премногу. Инвестициите во програмите за школување и нивна обука, на крајот се исплатеа.

Младите ја плаќаат цената за кризата која не ја предизвикале

Во ЕУ во моментов има 6 милиони млади без работа. Во февруари нивото на невработени меѓу младите под 25 години беше на ниво од 23,5 проценти, значи двојно поголемо отколку кај возрасните. Најлошо е во Грција, каде тој процент изнесува речиси 60 проценти, додека во Шпанија секое второ младо лице нема работа. Проблемот е се' подраматичен и политичарите во Брисел се за тоа свесни. Особено ги загрижува фактот дека во одделни држави, меѓу невработените има премногу висококвалификувани млади луѓе, дури и над 50 проценти.