1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад земјотресот на берзите?

Клаус Улрих / Елизабета М. Фиданоска17 јуни 2013

Високите вредности на индексот Дакс од мај се минато. Оттогаш на меѓународните финансиски пазари има турбуленции, а што е алармантно - дури и земјите во забрзан подем се чини ја губат улогата на мотор на порастот.

https://p.dw.com/p/18pQ1
Фотографија: Bilderbox

На пазарите на акции се шири страв. Американската политика на екстремно ниски камати наскоро би можела да заврши. Тоа е отров за берзите, но всушност е „знак на сила“, вели Јерг Кремер, главен економ на Комерцбанк во разговор за ДВ. За разлика од еврозоната во која владее криза, во Америка се намалува бројот на невработени, се зголемуваат цените на недвижностите и се намалува буџетскиот дефицит. „Ќе дојде време да се стави крај и на политиката на евтини пари“, нагласува Кремер. На пазарите им е потребно малку време за да се прилагодат на ваква промена на финансиската политика во Америка.

„Основните каматни стапки во САД се се‘ уште многу ниски“, оценува, наспроти тоа, Михаел Бројнингер, експерт за конјуктура во Светскиот економски институт во Хамбург (ХВВИ). Американската централна банка досега секој месец наголемо купуваше државни обврзници и со тоа ги намалуваше каматите. „Во тој дел би можело да се случи тивка промена на политиката“, проценува економскиот експерт за ДВ. Меѓутоа, тој додава дека во моментов таква една промена е далеку, иако за нејзе се‘ повеќе се дискутира. „Сето тоа води до натамошна несигурност и затоа на пазарите на акции оди многу брзо нагоре-надолу.“

Symbolbild Börsenverlauf nach unten
Состојбата на берзите брзо се менуваФотографија: Fotolia/Dan Race

Земјите во забрзан подем се‘ уште со добри позиции

И земјите во забрзан подем страдаат поради ваквата несигурност. „Не верувам дека се случува крај на развојот на пазарите во подем“, оценува Кремер. Сега има фаза на „земање здив“. Но, земјите во забрзан подем, и покрај се‘, имаат добри позиции. „Повеќето од нив имаат суфицит дури и ако порастот попушта“, објаснува експертот на Комерцбанк.

Се чини дека развојот во Кина е потврда за ваквиот впечаток. Таму стапките на пораст се‘ уште се многу високи. „Но, веќе не се толку високи како што сме навикнале“, вели Михаел Бројнингер од ХВВИ. Кина со години се обидуваше да ги одржува стапките на пораст на не повеќе од 10%, поради страв од прегревање на стопанството. Кога тие стапки паднаа на под 8% поради развојот во светската економија, почнаа контрамерки - кинеската влада сега се обидува со конјуктурни програми да обезбеди годишен пораст меѓу 8 и 9 проценти.

Symbolbild BRIC Staaten
Земјите во забрзан подем сега „земаат здив“Фотографија: DW

Бројнингер, меѓутоа, е убеден дека Кина и на ова ниво е мотор на економијата. „Денес 7% пораст во Кина значат повеќе отколку 10% пред 10 години, затоа што Кина едноставно, што се однесува до нивото, е станата многу поголема и позначајна.“

Нема знаци за нова криза

Ескпертите не веруваат дека актуелните турбуленции на меѓународните пазари би можеле да бидат гласници на нова тешка криза. Курсевите на акциите во текот на изминатите месеци едноставно премногу пораснаа, иако претпријатијата не забележаа соодветни добивки, смета Кремер. „Затоа верувам дека во моментов на пазарите на акции се случува корекција, како што често се случува.“