1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад руските закани?

27 април 2007

Спорот околу американскиот анти-ракетен штит и инсталирањето на делови од него во Европа досегнаа нова димензија. Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека неговата земја ќе се откаже од Договорот за конвенционални сили во Европа, потпишан меѓу НАТО и Вашравскиот пакт уште во 1990-та година. Бернд Ригерт во следниот коментар укажува на можните мотиви на Путин за ваквиот потег.

https://p.dw.com/p/Adrh
Владимир Путин при обраќањето до нацијата
Владимир Путин при обраќањето до нацијатаФотографија: AP

Од чисто воен аспект американските планови не претставуваат никаква закана за безбедноста на Русија. Дотолку е во право американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс, кога ги нарекува руските критики – едноставно смешни. Но, ако се погледне политичката заднина на руските закани – тогаш тие воопшто не се смешни. Официјална Москва игра многу мудро со намера да внесе раздор меѓу САД и нивните европски партнери во НАТО.

При тоа особено германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер се наоѓа во опасна позиција да наседне на руските аргументи. Тој имено веќе ги повика САД да се консултираат со Русија по прашањата на анти-ракетниот штит. Но, тоа веќе со години се случува. Освен тоа, НАТО уште лани донесе одлука (со германска согласност) дека е потребно создавање заштитен систем за ракети од среден и долг дострел што би дошле од регионот на Блискиот исток. Отворено беше само прашањето како тоа да се изведе. При тоа не се знае дали и како воопшто ќе функционира американскиот систем и дали на европските партнери на САД ќе им требаат дополнителни системи за заштита.

Но, што се однесува до Русија, САД и НАТО и‘ понудија во повеќе наврати соработка околу анти-ракетниот штит. Во целиот проект нема никакви тајни и закани за рускиот нуклеарен потенцијален. Сепак Владимир Путин одбра да ги прикаже американските планови како нешто ново и заканувачко. Тоа меѓутоа не е вистина. Москва фактички со ваквиот отпор свесно го ползува латентниот отпор во Европа кон ракети од секаков вид за да го потенцира одбивањето кон проширувањето на НАТО кон Исток. Кремљ сака да го принуди НАТО да се откаже од прием на нови членки, како Грузија, на пример.

Покрај тоа, Русија се чини го користи спорот околу ракетниот штит само како параван за да се откаже од Договорот за конвенционално оружје, што ионака и‘ беше трн во око. Во рамките на тој договор Русија се обврза да ги повлече своите сили од Грузија и Транснистрија, што секако не и‘ одговара.

Конечно, не смее да се заборави дека Русија и самата работи на анти-ракетна одбрана од закани што може да потекнуваат од Иран, Пакистан или Кина. А на полето на одбрана од ракети со кус дострел официјална Москва дури изработува компатибилни системи со САД. Студената војна е еднаш за секогаш минато! Тоа го знае многу добро и претседателот Путин!