1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се очекува од конференцијата во Бали?

Henrik Böhme29 ноември 2007

Протоколот од Кјото склучен пред десет години, до денес важи како најсеопфатниот договор за климата усвоен под покровителството на Обединетите нации.

https://p.dw.com/p/CUb0
Бали и самиот ги чувствува последиците од промената на климатаФотографија: AP

Оваа година би требало да биде решавачка за заштитата на климата, зашто не останува многу време. И пораката е јасна: ако конференцијата на Бали не успее, тогаш политиката за климата на Обединетите нации ќе се најде во ќорсокак.Инаку, Светскиот советот за клима во повеќе актуелни извештаи предупреди на опасностите од затоплувањето на Земјата. Заклучок на науката е дека планетата влегува во нова климатска епоха. Што треба да се прави објаснува шефот на Светскиот совет за клима Раџендра Пачаури:

„Ако сакаме да го ограничиме затоплувањето на два до 2,4 степена, тогаш емисиите на ЦО2 можат да растат само до 2015 година, но тогаш до 2050 година мора да се редуцира меѓу 50 до 85 проценти. Тоа е тешка задача, но мора да се сфати дека ако ништо не се преземе, последиците ќе бидат страшни„.

Меѓутоа, треба да се разбере и тоа дека конференциите, посебно под големата закрила на Обединетите нации, развиваат сопствена динамика. Токму во тоа Ханс Јоахим Шелнхубер, советник за климата на канцеларката Ангела Меркел, ја гледа најголемата опасност за несупех:

„Вистина се’ се наоѓа на работ на нож. Мораме да направиме се’ да го зголемиме притисокот за дејствување. Дозволете да разговараме уште еднаш кон крајот на декември кога сите ќе бидеме поумни, но можеби и многу депримирани„.

Тоа би било горчливо и за канцеларката Меркел, која е настојчив борец за заштита на климата. За неа битката против промената на климата е лакмусов тест за одржувањето на Обединетите нации:

„Договорот на Обединетите нации за времето до 2012 година е мост преку кој сите држави треба да изградат одржлив развој. На конференцијата на Бали ние треба да донесеме јасен план за преговорите за него да завршат до 2009 година. Германија е подготвена да го даде својот придонес„.

За да се привлечат и земјите во брз развој како Кина и Индија, Меркел предложи исфрлањето ЦО2 во иднина да се ограничи по глава на жител. Секој човек во 2050 да смее да предизвика само два тона ЦО2. Денес во Германија тој изнесува 11 тони, во САД 20, а во земјите во развој до 4 тони. Германскиот министер за екологија Зигмар Габриел здушно ја прифати идејата:

„Не постои ниту една друга форма за да се обезбеди праведност. Ние не можеме на другите да им кажеме дека само затоа што имаат повеќе население, смеат да емитуваат помалку од нас„.

Меѓутоа, само ако сите учествуваат, конференцијата на Бали ќе може да биде успешна. Што ќе биде тешко.