1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што си кажаа Груевски и Папандреу?

30 октомври 2009

Премиерите на Грција и на Македонија вчера (29.10.2009) во Брисел за прв пат по долги години затегнати односи се сретнаа половина час во зградите на седиштето на ЕУ. Средбата се одржала во пријателска атмосфера.

https://p.dw.com/p/KJ1H
Никола Груевски и Јоргос ПапандреуФотографија: MIA

Ниту Груевски ниту Папандреу не излегоа пред новинарите по состанокот, но од македонска страна испратено е соопштение за јавноста во кое се вели дека двете страни се заложиле за што поскоро решавање на спорот за името и се истакнува важноста од целосно интегрирање на западнобалканскиот регион.

Европската Унија веќе две седмици со сите сили притиска Скопје и Атина да му стават крај на спорот за името, за да може Македонија да напредува кон старт на преговори за членство со Унијата, што е последниот услов.

Европската Комисија на 14-ти октомври годинава оцени дека Македонија ги исполнува сите услови за почеток на претпристапните преговори, но блокадата од страна на Грција е извесна доколку нема значително поместување во проблемот околу името.

Атина останува на својот став

Грчките дипломати, кои присуствувале на вчерашната средба Груевски-Папандреу, велат дека Атина го повторила ставот за име за севкупна уптреба и со географска одредница. Не е познато што порачала македонската страна во овој поглед.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Европската Унија би сакала да види напредок идеално до седми декември годинава, кога ќе се одржи министерскиот состанок на ЕУ на кој би можел да биде одреден и конкретен датум за преговорите. Сепак, не е исклучено процесот да трае подолго и овој датум да биде одреден на мартовскиот министерски самит идната година. Една од наведените причини за ваквото одлагање би можело да биде одржувањето на референдум за името во Македонија, што е едно од предизборните ветувања на ВМРО ДПМНЕ.

Европската Унија од своја страна, преку Оли Рен и Хавиер Солана два пати јасно стави на знаење дека не поддржува референдум и смета дека ова решение не е најдобро токму поради можното одолговлекување на процесот на решавање на спорот, како и поради ризикот тој да предизвика остри реакции во соседна Грција.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска