1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што содржи Резолуцијата за напредокот на Македонија на ЕП

14 март 2012

Во резолуцијата се бара почеток на преговорите со Македонија. За разлика од првобитниот текст, продлабочени се некои забелешки, критики и совети за нивно надминување.

https://p.dw.com/p/14Jik
Фотографија: dapd

Конечниот текст на резолуцијата за која утре (14 март 2012) ќе се изјасни на пленарната сесија Европскиот парламент во Стразбур, споредена со првата верзија предложена од страна на известувачот на ЕП за Македонија Ричард Хауит, е многу подолг. Наместо на првичните десет страници, таа сега се наоѓа на петнаесет страници, односно 24 нови точки во кои се опфатени шеесетината амандмански промени за време на комисиската расправа во јануари.

Новиот текст не менува ништо суштински

На прв поглед резолуцијата, не променува ништо суштински: Европскиот парламент го повторува повикот до Советот на ЕУ, за да утврди во најкраток рок, датум за почеток на преговори за прием на Македонија. А се подвлекува и важноста да се поддржат напорите во процесот на европската интеграција на земјата, за што европратениците предлагаат да се премине во нова етапа, со започнување на процесот на хармонизација на ( македонското) законодавство со европското и спроведување на втората фаза од процесот за стабилизација и асоцијација.

Во резолуцијата се забележува дека одлуката на Советот да не ги следи препораките на Комисијата и Парламентот за почеток на преговорите, „предизвика легитимна фрустрација и незадоволство во јавното мислење на земјата“.

Richard Howitt
Британскиот европратеник, известувач за Македонија на ЕП, Ричард ХауитФотографија: picture alliance/dpa

Иако во резолуцијата на Хауит останува жалењето поради изоставувањето на изразот „македонски“ во извештаите Европската комисија за напредокот од 2009 па наваму, ова и покрај тоа што употребата на овај термин е нормативен во ООН за јазикот, културата и идентитетот. Сепак, овој термин во резолуцијата е искористен само еднаш, токму кога се зборува за неговото изоставување.

Билатералните проблеми не треба да се пречка за евроинтеграциите

Европарламентот смета дека билатералните проблеми не треба да бидат користени ниту за спречување на процесот за членство, ниту како пречка за напредок во него. Тие бараат конструктувен дух, во решавањето на истите колку што е можно порано со земање во предвид на интересите и вредностите на ЕУ глобално. Во случајот на Македонија се смета дека не треба да се остави земјата назад зад другите земји кандидати.

Во новиот текст се повикуваат властите и медиумите да работат на создавање на позитивна атмосфера, која ќе помогне во развивање на добрососедските односи и обесхрабри говорот на омраза.

Изразена е и загриженост околу тенденциите на земјата да го промовира својот сопствен етнички и културен идентитет на сметка на соседните земји. Тука очигледно се видливи напорите на дел од грчките и бугарските европратеници да се вметнат овие забелешки, исто како и барањето за заедничко изучување на историјата, што иницијално не стоеше во првата верзија на текстот на Ховит.

Во новиот текст е појасен повикот за вклучување на ЕУ во олеснувањето на изнаоѓањето на решение за спорот со името, кој во Стразбур се покажува како главна пречка за напредокот во евроинтегративните процеси на земјата. А јасно е нагласено и барањето да се работи според моделот како се решава спорот меѓу Словенија и Хрватска.

Strasbourg, north eastern France, may 7th 2009. General views of the European Parliament in Strasbourg before the elections of the european deputies. Foto: THIERRY SUZAN/MAXPPP +++(c) dpa - Report+++
Зградата на Европскиот парламент во СтразбурФотографија: picture-alliance/dpa

Продлабочени критики, забелешки и совети за нивно надминување

Во текстот за кој ќе се гласа на пленараната сесија се заоструваат критиките и се даваат нови совети за борбата против корупцијата, во која се бара на пример поголема заштита на тие кои ја откриваат.

Во областа на образованието се бара поефикасен третман на сегрегацијата. А, продлабочени се и критиките во областа на медиумите, при што се бара гарантирање и почитување на нивните права и слободи, со цел да се зачува позитивната препорака на Комисијата.

Се забележува дека е постигнат ограничен напредок во еднаквоста меѓу жените и мажите, а проширен е и делот посветен на борбата против дискриминацијата. Во овај дел посебно е опфатена ситуацијата на ромското малцинство, а се бара да се отстранат и изменат учебниците во кои за хомосексуалноста се пишува како за болест.

Европратениците сметаат дека во Македонија треба да се зајакне трудовото и синдикалното право.

Во дискусијата која ќе се води во среда меѓу европратениците и претставниците на Комисијата и Советот, најверојатно ќе бидат ставени во прв план измените на текстот, како и најновиот развој на настаните во Македонија по бројните инциденти меѓу младите.

Текстот на резолуцијата за Македонија се’ уште може да претрпи промени со нови амандмани, кои можат да се поднесуваат до денот на гласањето, но тие нема да променат ништо битно бидејќи сегашнава верзија е компромисно решение меѓу најголемите политички групи во Европскиот парламент.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски