1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе биде решавачко во вториот изборен круг во Србија?

Ивица Петровиќ/ Жана Ацеска18 мај 2012

На вториот круг на претседателските избори во Србија, на 20. мај, ќе падне одлуката кој ќе биде нов српски претседател. Дали е предноста сепак на страната на Борис Тадиќ?

https://p.dw.com/p/14xMW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Периодот меѓу двата круга на претседателските избори во Србија го одбележаа обвинувања за изборна кражба, но никој од политичките актери не инсистираше премногу на разрешување на ваквите обвинувања. По почетните закани со улични протести и бојкот, челниците на Српската напредна партија се откажаа од нив и решија да се борат само во рамките на институциите на системот.

Претседателските кандидати Борис Тадиќ и Томислав Николиќ имаа и телевизиски дуел преку Радио телевизија Србија, а аналитичарите оценуваат дека настапот на Тадиќ оставил нешто подобар впечаток. Во своите последни пораки до гласачите, Николиќ изјави дека е крајно време за промени и дека „Тадиќ треба да биде казнет за сите неисполнети ветувања“. Тадиќ пак, само порача дека Николиќ „води опасна политика“, а тој самиот не се откажува од својата политичка заложба - „И Европа и Косово“.

Борис Тадиќ има извесна предност во вториот изборен круг и тоа од две причини, оценува за Дојче веле Зоран Стојиљковиќ, професор на Факултетот за политички науки.

„Основната причина е во далеку поголемиот коалициски потенцијал на Борис Тадиќ. Втората причина е поголемото расположение за излегување на избори кај гласачкото тело на оние кандидати кои отпаднаа од првиот круг, а за вториот му упатија поддршка на Тадиќ. Се разбира, нема сите да гласаат за Тадиќ, ќе дојде и до поделба на гласовите, но сепак се очекува дека поголемиот дел од гласачите на СПС, УРС и ЛДП ќе му донесат секако предност на Тадиќ“.

Тадиќ подобар меѓу двата круга

Зоран Стојиљковиќ смета дека во самата кампања, како и во ТВ-дуелот, Тадиќ оствари предност во однос на Николиќ. Меѓу двата круга следеше и повикот на Весна Пешиќ во вториот круг на изборите да се гласа за Томислав Николиќ, според нејзини зборови, за да се постигне рамнотежа на власта, зашто Тадиќ има сконцентрирано премногу власт во своите раце. Стојиљковиќ мисли дека тоа нема да влијае премногу врз однесувањето на избирачите.

„Мислам дека по одиграните карти меѓу двата изборни круга и по непотребното заострување на приказната за изборната кражба, повикот нема да биде голем влог, како што можеби можеше да биде, да не беа сите тие случувања и самиот ТВ-дуел“.

Serbien Präsidentschaftswahlen Kandidaten Tadic Nicolic
Во телевизискиот дуел предност оствари Тадиќ, велат аналитичаритеФотографија: AP

Според Стојиљковиќ, на однесувањето на гласачите и на конечното определување ќе влијаат различни фактори, но тоа сигурно нема да бидат програмските разлики, зашто и СНС влезе во политички мејнстрим.

„Поголема улога овојпат ќе игра проценката кој колку работи може да направи за Србија, кој колкави капацитети има и каков впечаток остава или создава имиџ дека може да се занимава со ваква политика, што е една од предностите на досегашниот претседател Борис Тадиќ“.

Поразна слика на демократијата

Претседателот на Напредниот клуб Чедомир Антиќ исто така оценува дека предноста за победа е на страната на Тадиќ. Меѓутоа, недостигот од вистинска алтернатива на досегашниот претседател на Србија, како и грчевитата борба за местото кое според уставот пружа мали овластувања, Антиќ го гледа како поразна слика на демократијата во Србија.

„Мислам дека тоа можеби е и најголемиот пропуст, што ние од 5. октомври не создадовме установи и институции. Ние и натаму сме една авторитарна монархија, која има само надворешна републиканска форма и која има само некои демократски карактеристики. Значи, одиме во пресрет на очекуван резултат од изборите. Мали се шансите незадоволниците да се соберат околу Томислав Николиќ. По повеќе кандидирања и по погазувањето на сопствениот збор дека веќе нема да се кандидира, тој самиот покажа дека неговото време помина. Во случај да биде избран, тоа ќе и‘ даде малку импулси на демократизацијата на земјата, но тоа кај нас значи и дестабилизација, зашто кохабитацијата се покажа како нешто што лошо функционира во пракса“.

На конечната одлука на избирачите ќе влијаат повеќе фактори, оценува Антиќ. Најголемиот успех на Тадиќ е неговиот успех во предизборната кампања да ја одржи економската стабилност на земјата, но цената на тоа беше голема и допрва ќе ја плаќаме во наредните месеци и години. Томислав Николиќ, од друга страна, е појава која се‘ повеќе е врзана за 90-те години и минатата деценија, па поради тоа неговите шанси се мали, истакнува Антиќ.