1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе донесе годинешното заседание на Народниот конгрес на Кина?

Матијас фон Хајн5 март 2008

Познавачите на приликите не очекуваат да дојдат импулси за политички реформи. Во годината на Олимписките игри, раководството на Комунистичката партија ќе се обиде да демонстрира стабилност – смета и Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/DIKN
Салата на Кинескиот Народен КонгресФотографија: AP
Според кинескиот устав, Народниот конгрес е највисок орган на државата, значи ја има улогата на парламент. Но, тоа е само кулиса зад која стои неприкосновената моќ на владеачката Комунистичка партија. Таа имено ги бира од своите редови трите илјади делегати на Конгресот, таа го одредува дневниот ред и ги врши сите подготовки – толку добро, што од основањето во 1954-та година Конгресот уште не одбил ниту еден предложен закон.


Поместен политички процес


Политичките дебати околу иднината на земјата сепак се случуваат, но на друго место, имено во потесните кругови на моќ каде различните и често спротиставени крила на Комунистичката партија бараат баланс на разните интереси. Од време на време судирот на интереси и концепции пробива и во кинеската јавност. Така минатата година поранешниот заменик ректор на Пекиншкиот Универзитет Ренмин, Џие Тао, во статија за еден домашен весник ги фалеше предностите на демократскиот социјализам, како и доблестите на скандинавскиот модел на социјална држава. На тоа брзо и остро одреагираа конзервативните кругови, а минатата недела главниот уредник на партискиот весник „Пекинг дејли„ Ши Жанг предупреди дека вредноста на демократијата не смее да се преценува.


„Во Кина има дискусии околу политичките реформи, околу различните позиции на групите од граѓанското општество и владата. Но, тие немаат еднакво гласни аргументи, бидејќи владата комплетно ги контролира медиумите„ – појаснува уредникот на Хонгконшкиот магазин „Оупен„ Ѓин Жонг.


Наместо политичка, реформа на државниот апарат


Затоа на годинешното заседание на Народниот Конгрес ќе станува многу повеќе збор за реформа на политичкиот апарат, а не за вистински политички реформи. Планирана е имено реформа на државниот апарат со драстично намалување на бројот министерства. Од вкупно 75-те органи на министерско ниво треба да се укинат една четвртина. На нивно место треба да се формираат т.н. супер-министерства, кои повторно ќе ја централизираат власта. Ова важи посебно за подрачјата на енергетиката, финансиите, земјоделството, сообраќајот и екологијата.


Експертот за уставно право Жанг Жухуа при тоа е скептичен околу можниот успех за намалување на бирократскиот апарат.


„Од основањето на Народна Република Кина во 1949-та имавме седум т.н. управни реформи. Ова не е воопшто нова идеја. А резултатот беше секогаш зголемување на управните органи и на бројот државни службеници. Сега станува само збор за тоа централната влада да си ја поврати делумно отуѓената власт.„


На Конгресот се очекува и реизбор на актуелниот претседател Ху Ѓинтао и премиерот Вен Ѓијабао, како и именување на нивните можни наследници на заменичките функции.