1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе значи СЕФТА за балканските земји?

Горан Петрески6 март 2006

Македонија најмногу тргува со ЕУ. Од земјите во регионот позначајни трговски партнери на Македонија се само Србија и Црна Гора и Бугарија. Со предлогот за формирање нова балканска трговска унија, Брисел сака да ја измени ваквата слика – земјите од Југоисточна Европа повеќе да тргуваат меѓусебе.

https://p.dw.com/p/AeMQ
Фотографија: DW

Иако има договори за слободна трговија со сите земји во регионот, размената на Македонија со голем број од нив е незначителна. Албанија на пример не е ни меѓу првите 20 трговски партнери на Македонија. Дали со создавањето нова регионална трговска унија ќе се зголеми размената, или се менува само формата, а суштината, односно правилата за трговија остануваат исти? Доктор Силвана Мојсовска од скопскиот Економски институт вели:

“Тука имаме заеднички правила на игра. Билатералните договори не мора по дефиниција да бидат исти, значи билатерален договор на Македонија и Бугарија не е ист со билатерален договор на Македонија и Србија и Црна Гора. Не се менува само формата, се менува и суштината, и ќе се случи прелоцирање на производствените фактори во регионот.“

Иницијативата на ЕУ предвидува регионалната трговска унија, што ќе се вика СЕФТА, да профункционира од почетокот на 2007-ма. Предлогот е добар, но можеби е малку задоцнет, вели д-р Владимир Глигоров од Виенскиот економски институт:

“Можеби ќе беше подобро тоа порано да беше иницирано, бидејќи сега тоа ќе се однесува само на еден мал број земји т.н. земји од Западен Балкан. Со оглед на тоа, економските ефекти нема да бидат особено големи, односно којзнае колку поголеми од оние што веќе ги даваат постоечките билатерални спогодби за слободна трговија.“

И македонските бизнисмени се поделени во ставовите околу планот за формирање нова трговска унија. Само мал број од нив сметаат дека тоа ќе ги зголеми шансите на македонската економија. Главно, тие се плашат од конкуренција. Венко Глигоров, од Сојузот на стопански комори, со став:

“Факт е дека македонската економија не е доволно конкурентна да се носи со другите земји и тоа веројатно треба да оди во пакет – ако се прави балканска унија, економијата треба да се зајакне со одредени мерки во вид на поддршка на владата и други организации, за сето тоа да биде позитивно“.

Дебатата за создавање на СЕФТА стигна и до кабинетот на шефот на државата. Кај Црвенковски беа амбасадорите на земјите кои треба да ја чинат идната трговска унија. По средбата кај претседателот Бранко Црвенковски, австрискиот амбасадор во Македонија, Филип Хојос изјави:

“Сите земји од Западен Балкан ја поддржаа оваа идеја и таа може да се оствари во рамките на ЦЕФТА, реформирана изменета ЦЕФТА.“

Неговиот албански колега, Владимир Перла рече:

“Јас сум оптимист,. Ова е можност за добри инвестиции, да бидеме интересни за странските и големите инвеститори. “

Македонската влада неодамна безрезервно ја прифати бриселската иницијатива што предвидува – од следната година балканските земји да тргуваат врз основа на единствен регионален договор за слободна трговија.