1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајк: „ Луфтханза“ ги откажува речиси сите летови

ЖА/дв/дпа/ртре21 април 2013

Патниците на германската авиокомпанија „Луфтханза“ утре (22.04) повторно ќе бидат ставени на проба на нервите. Синдикатот Верди закажа штрајк на голем број од вработените.

https://p.dw.com/p/18K8o
Фотографија: Getty Images

Како што најави синоќа германската воздухопловна компанија „Луфтханза“, утре ќе бидат откажани речиси сите летови на кратките и средните релации поради штрајкот на персоналот на земјата и на екипажите на авионите. Погодени се аеродромите во Франкфурт, Хамбург, Минхен, Штутгарт, Хановер, Диселдорф и Келн.

„Поради најавениот предупредувачки штрајк во понеделник 22-ри април, речиси сите летови на Луфтханза во Германија и Европа ќе бидат откажани. Вкупно, од 1.650 летови на кратките релации се предвидува дека ќе има дваесетина“, се наведува во соопштението на компанијата.

Од „Луфтханза“ предупредуваат дека и некои интерконтинентални летови ќе бидат погодени од штрајкот. Од меѓународниот аеродром во Франкфурт ќе бидат извршени само 6 од 50 интерконтинентални летови, од Минхен три од 17, додека од Диселдорф ќе бидат извршени три интерконтинентални лета, колку што и се предвидени.

Symbolbild Lufthansa Frankfurt am Main Flughafen Streik
Фотографија: AFP/Getty Images

Синдикатот на вработените во секторот на услугите Верди побара зголемување на платите од 5,2 отсто во следните 12 месеци за околу 33 илјади вработени на „Луфтханза“ во Германија, како и гаранции за работните места. Според Верди, „Луфтханза“ понудила да ги зголеми платите на вработените за 0,4 до 0,6 проценти. Од страна на „Луфтханза“, пак, се тврди дека понудата е од 1,7 до 2,3 проценти. Авиокомпанијата укажува - планираниот штрајк ќе предизвика веројатно двоцифрена милионска штета. Компанијата моментно спроведува програма за штедење и кратење. Концернот меѓу другото укинува 3.500 работни места во администрацијата за да продонесе во предвидената заштеда 1,5 милијарди евра.

Инаку, преговорите за платите со синдикатот Верди се водат уште од февруари. Следната рунда разговори е предвидена за 29 и 30 април.