1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штутгарт конечно победи

Сара Вирц/Б. Георгиевски18 февруари 2013

Тимот на Штутгарт забележа победа по петте едноподруго порази во Бундеслигата. 22. коло не донесе поголеми промени на врвот на табелата, каде Бајерн цврсто го држи врвот пред Борусија (Д) и Бајер Леверкузен.

https://p.dw.com/p/17gGk
Фотографија: Getty Images

Уште од 16. коло екипата на Штугарт одеше само во еден правец на табелата. Наназад. Откако застанаа на шестата позиција популарните Шваби доживеаја пет порази едноподруго и се најдоа на 15. позиција. Во неделата конечно малерот беше разбиен со победата на гостувањето кај Хофенхајм од 1:0. Единствениот гол го постигна Харник уште во третата минута од мечот. За Хофенхајм, пак, продолжи најлошата бундеслигашка сезона во историјата. Тимот сега го делат цели 10 бода од местото кое обезбедува опстанок во лигата.

Во вториот меч одигран во неделата, Нирнберг и Хановер одиграа интересно реми со конечен резултат 2:2. На двапати водеа гостите од Хановер, но Нирнберг двапати успеа да се врати во мечот. Конечниот резултат го постави Полтер во втората минута од судиското надополнување. За тренерот на Хановер, Мирко Сломка тоа беше разочарувачки исход.

„Мечот беше разочарувачки на многу начини. По трет пат едноподруго губиме бодови во финишот на мечот. Ова веќе станува шаблон“, вели Сломка.

Без промени на врвот

На врвот на табелата немаше промени по одиграното 22. коло. Бајерн Минхен ја задржа огромната предност од 15 бода пред бранителот на титулата Борусија Дортмунд, по победата во петокот на гостувањето кај Волфсбург од 2:0. Борусија, пак, повторно пред своите навивачи остана со играч помалку по исклучувањето на Шибер, но овојпат го имаше расположениот Марко Ројс кој постигна хет-трик во победата над четвртопласираниот Франкфурт од 3:0. Победа забележа и третопласираниот Бајер Леверкузен, кому нагости му дојде кандидатот за испаѓање од лигата Аугсбург. Конечните 2:1 за Бајер не беа вистинска слика за случувањата на теренот.

Fußball Bundesliga 22. Spieltag Borussia Dortmund - Eintracht Frankfurt
Црвен картон за Јулијан Шибер на мечот против АјнтрахтФотографија: Getty Images

За големо изненадување ова коло се погрижи Фрајбург кој нагости го совлада Вердер со 3:2. Трите бода на Фрајбург му го донесоа и петтото место на табелата. Важна победа во борбата за излез во Европа забележа и Хамбургер пред своите навивачи над Борусија Менхенгладбах од 1:0. Во борбата за опстанок, Фортуна Диселдорф го совлада Гројтер Фирт со 1:0 и речиси го обезбеди настапот во лигата и следната сезона, додека тимот од Фирт со „една нога“ е веќе во втората лига. Во последниот меч од ова коло, Мајнц и Шалке одиграа нерешено 2:2.