1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шуми“ прв на стартот, Рајконен на целта

1 август 2005

Конечно болидот на Рајконен издржа цела трка – доволно за убедлив успех во трката од автомобилизам формула еден на Хунгароринг кај Будимпешта. Блесок на германските пливачи на Светското и на кајакарите на Европското првенство. Велосипедистот Цабел го напушта тимот за кој возеше 13 години. Михаел Балак и Биргит Принц – фудбалери на годината во Германија.

https://p.dw.com/p/Aeki
Кими Рајконен - единствениот што може да го загрози Алонзо, водечкиот во светското првенство во формула еден
Кими Рајконен - единствениот што може да го загрози Алонзо, водечкиот во светското првенство во формула еденФотографија: dpa

Формула 1: нова шанса за Рајконен во борбата за титулата

Трката за Големата награда на Унгарија во автомобилизам формула 1 за Кими Рајконен од тимот на Мекларен Мерцедес помина како што само можеше да посака: од петта стартна позиција стигна до убедлива победа, а водечкиот во светското првенство Алонзо од тимот на Рено не освои ни бод, откако уште по самиот старт го оштети возилото и заостана. На Хунгароринг болидот на Рајконен не покажа слабост – овој пат дефект имаше неговиот тимски колега Монтоја и тоа во момент кога се наоѓаше во водство. На крајот втор беше Михаел Шумахер од Ферари, кој по 64-ти пат во кариерата појде од челна стартна позиција, а трет неговиот помлад брат Ралф, возач на Тојота. Светското првенство повторно стана позанимливо, иако Алонзо и натаму има убедлива предност од 26 бодови пред Рајконен. Од овој спорт уште и веста дека Бразилецот Рубенс Барикело преоѓа во БАР-Хонда. Неговото место во Ферари ќе го заземе сонародникот Фелипе Маса, сегашен возач на Заубер Петронас.

Германските пливачи „го осветлија образот“ на СП во Монтреал

Светското првенство во пливање им донесе рехабилитација на германските пливачи за разочарувачките резултати на последната олимпијада.: 2 златни, 7 сребрени и 4 бронзени медали е нивниот биланс во Монтреал. Во саботата Ане Полеска го освои сребрениот медал на 200 метри градно – подобра од неа беше само Австралијанката Лизел Џонс и тоа со нов светски рекорд. „На почетокот веројатно тргнав малку пребрзо за една типично-Полеска трака, но сепак испливав трка за себе, за на крајот сепак да можам да ископам уште нешто. Се’ испадна одлично“ – рече новата светска вицешампионка.

Вистински подвиг во деновите од изминатата недела оствари Марк Варнеке: лекарот од Бохум на речиси пензионерска возраст за пливачкиот спорт стана светски првак на 50 метри градно – таков случај не е забележан на светските првенства веќе 33 години. Кај Варнеке ни трага од еуфорија по успехот: „Имам 35 години, многу доживеав во животот. Јасно дека се радувам, но не морам сега гол да трчам наоколу или да правам незнам што за да ми поверуваат дека се радувам“.

25-годишниот Австралиец Грег Хекет со победата на 1500 метри слободно влезе во историјата на пливачкиот спорт: тоа беше негова четврта последновна светска титула на таа патека, а покрај тоа победи и на двете последни олимпијади. Тоа досега не му успеа никому.

Рекордна жетва од медали на германските кајакари и кануисти

На европското првенство во кајак и кану на мирни води во полскиот град Познањ германските претставници остварија рекорден успех: во олимписките дисциплини на патеките од 500 и илјада метри тие се изборија за осум златни, три сребрени и четири бронзени медали. На 200 метри на Германците им припаднаа еден златен, два сребрени и еден бронзен медал.

Цабел го напушта Ти-мобајл

35-годишниот велосипедист Ерик Цабел, некогашен светски вицешампион, по 13 години го напушта тимот на Ти-мобајл. Цабел годинава не беше номиниран за учество на Тур д’Франс. Тој потпишал тригодишен договор со друг тим, но уште не го обелоденува името. „13 години се многу долго време, тоа беше мојата комплетна професионална кариера. Во последните години таму воспоставив многу лични врски и пријателства и во таа смисла разделбата ми паѓа тешко“ – вели Цабел и нагласува дека финансиските причини не играле никаква улога во неговото решение.

Балак и Принц фудбалери на годината, Магат најдобар тренер

Спроти почетокот на новото фудбалско првенство на Германија наредниов петок, германските спортски новинари ги избраа фудбалерите на годината. Очекувано кај мажите, по трет пат по 2002 и 2003-та, за најдобар е избран 28-годишниот Михаел Балак од Баерн Минхен со 156 гласови, пред Лукас Подолски од довчерашниот второлигаш Келн со 103 и Бразилецот Марселињо од Херта Берлин со 19 гласови. „За мене лично е прекрасна работа што сум повторно фудбалер на годината. Горд сум и ми претставува поттик фактот што сум избран како поединец во екипен спорт како фудбалот“ – рече Балак. Сојузниот капитен на репрезентацијата Јирген Клинсман го оцени Балак како „најопасен по гол играч од средниот ред во светот“ и го става на исто рамниште со Французинот Зинедин Зидан.

Во женска конкуренција петти пат последовно најдобра е Биргит Принц од тим от на Франкфурт. Феликс Магат, кој со Баерн ја освои двојната титула во првенството и купот, за прв пат е избран за тренер на годината, пред Јирген Клоп, кој со Мајнц во првата сезона на клубот во првата лига оствари завидни резултати.