1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шутка - огниште на ромската свест

14 март 2005

„Шуто Оризари, „Шутка“ за Македонците. Филмуван, од Емир Кустурица во „Дом за Бесење“, овoј град од 40 000 жители се наоѓа веднаш до Скопје, престолнината на Македонија.

https://p.dw.com/p/AeUt

Шутка стана огниште на ромската свест и се обидува да се ослободи од бедата која и е залепена на кожата: нечистите куќи и деца и шверцот од сите видови“, со овие зборови угледниот париски весник „Ле Монд“ ја започнува репортажата од Македонија, која отсекогаш беше засолниште за овај народ без татковина.

Македонците кои, долго време беа без своја сопствена држава, покажаа отвореност во развојот на правата на малцинствата. Во 1948, Ромите за прв пат заседаваат во градскиот совет на Скопје. Во 1950 се раѓа спортското друштво Екипе и културното друштво Пралипе, кое организира музички и театарски претстави. Во овај расадник на таленти се раѓа „Кралицата на Ромите“, Есма Реџепова, дива која ќе ја направи ромската музика позната во целиот свет.

Историјата на Шуто Оризари започнува трагично. На 26 јуни 1963 со земјотресот, кој уништи две третини од Скопје. Ромите седантизирани од 17 век во Топана, заминуваат да живеат во Шуто Оризари. Набрзина, предградието кое се наоѓа до градската депонија се претвора во град со своја администрација, кино, продавници.

Во 1996, со децентрализацијата, Шуто Оризари станува првата ромска општина во светот, првиот град во кој романе со индиски корени, станува официјален јазик, потсетува францускиот весник.

„Ние сме единствен случај“, вели за „Монд“, градоначалникот Ердуан Исени. Зад него се вее зелено-синото знаме со мост и тркало. Мостот е славниот Камен Мост на Скопје. Тркалото го симболизира номадизмот на овај народ. „Ние имаме права, но не можеме да се еманципираме, заради немање на средства. Ние имаме бројни проблеми во образованието, станбеното прашање, социјалната помош“, подвлекува градоначалникот.

И покрај појавата на средна класа во Шутка, мнозинството од Ромите, ромството го живеат со празен стомак. Како Тахир, кој новинарите на „Ле Монд“ го сретнаа на улицата „Че-Гевара“. Дваесетина години тој живеел во Германија, животот ги издлаби брчките на овај педесет годишен човек, кој сега живее во една куќа, направена од ламарини.

Арет Шакир, дипломиран по право, се обидува да ја измени ваквата ситуација, со сенсибилизација на Ромите за нивните права. „Овде 95% од луѓето се невработени, најголемиот број се импровизиурани трговци и живеат од денес за утре. Сите живеат од социјална помош. Единствената наша надеж се невладините организации и меѓународната помош“, раскажува Арте Шакирм кој признава дека најпрво треба да се бори против некои обичаи. Девојките не остануваат долго на училиште, бидејќи родителите ги мажат многу рано, потоа тој жали и за појавата на извесен кумунитаризам, како наследство од минатото но и како тенденција на целото македонско општество.

Шутка има и своја телевизија посветена на ромската кауза.

Сепак во Шутка коегзисетнцијата меѓу етничките заедници останува предизвик. „Ле Монд“ раскажува дека по доаѓањето на Албанците во овај кварт, избиле и тепачки околу едното од двете училишта, по што сите ромски деца се нашле во едно училиште, кое денес има над 2000 ученици. Според директорот Саип Исени, ситуацијата не е лесна, бидејќи тука учат и децата на околу 4000 роми бегалци од Косово.

Ако, денес Ромите од Македонија уживаат политички и културни права, на кои нивните европски роднини, можат само да им позавидат, романите останува пречка надвор од Шутка. Многу Роми се декларираат како Турци или Албанци за да ја избегнат дискриминацијата и не го откриваат нивниот вистински идентитет.

Затоа, Саип Исени преку угледниот француски весник и се обраќа на Европа: „Ние знаеме, многу повеќе за Европа, отколку што таа знае за нас. Ако Европјаните останат слепи, ние ќе продолжиме да им испраќаме емигранти бидејќи ние сме сиромашни и без образование. Ние сакаме да европските парлементраци дојдат овде и да се уверат самите. Шуто Оризари може да стане модел за другите земји, како Словачка на пример, каде ситуацијата на Ромите е најлоша.“