1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓорѓиев: Македонија и’ понуди помош на Грција за проблемот со железницата

АМ/миа29 јули 2012

Македонија и’ се понуди на Грција да и’ помогне во нормализирањето на железничкиот сообраќај меѓу двете земји. Одговор од грчка страна засега нема.

https://p.dw.com/p/15g9G
Фотографија: Fotolia/M.Rosenwirth

Македонија преку железницата, Министерството за транспорт и врски и дипломатски преку Министерството за надворешни работи понуди помош за побрзо расчистување на теренот и санирање на пругата кај месноста Поликастро во Грција за побрзо нормализирање на меѓународниот железнички превоз меѓу двете земји, што е во прекин неколку дена. Ова го истакна портпаролот на македонската влада Александар Ѓорѓиев.

„До овој момент немаме добиено повратен одговор. Известени сме дека грчките институции во брз период ќе ја надминат оваа состојба. Се надеваме дека тоа и ќе се случи“, рече Ѓорѓиев.

Aleksandar Gorgiev
Александар Ѓорѓиев, портпарол на македонската владаФотографија: MIA

Според нашите информации, додаде Ѓорѓиев, пред седум-осум дена на железничката линија се има случено инцидент со превртување на неколку вагони од композиција, која се движела на истата таа железничка рута.

„На потегот пред Солун се имаат превртено неколку вагони од вагонска композиција. Од грчка страна е кажано дека се преземемаат сите мерки и активности  за да се надмине оваа состојба. Ние сме во комуникација со Грција и имаме понудено помош за отстранување на проблемот со железницата. До овој момент немаме добиено официјален одговор дали е потребна нашата помош. Добивме само известување дека во следниот период оваа опасност по железничкиот сообраќај ќе биде отстранета, со што повторно би се нормализирал сообраќајот помеѓу две земји“, појасни Ѓорѓиев.