1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓукановиќ: „Имаме независна држава“

Весна Рајковиќ / Бенјамин Парган / Агенции22 мај 2006

Црногорскиот премиер објави победа на блокот за независност на Црна Гора. Противничкиот табор признава само резултати што ќе ги објави референдумската комисија. Гласањето помина мирно.

https://p.dw.com/p/Ac6S
Црногорците гласаа за независност
Црногорците гласаа за независностФотографија: AP

Нешто пред два часот изутрината Мило Ѓукановиќ им се обрати на неколку стотици граѓани собрани пред републичката влада за да им соопшти дека по преброени 99,9 насто од гласовите за независност гласале 55,5 насто од избирачите и оти преостанатите до тој момент непребројани гласови веќе не можат да влијаат врз конечниот резултат со оглед на предноста од 45 илјади гласови. Невладината организација Центар за мониторинг зборува за резултат од 55,3 проценти. ЕУ бараше квалификувано мнозинство од 55 проценти ЗА, и најмалку 50 насто учество, за да ги признае резултатите од референдумот.

Мило Ѓукановиќ им ја честиташе на граѓаните обновената суверена независна држава Црна Гора, означувајќи го вчерашниот ден за најзначаен во поновата историја на републиката. „Имаме држава и сигурен сум дека никогаш веќе нема да дозволиме на било кој начин да ја доведеме под прашање нашата држава. Сакам од овде на граѓаните на Црна Гора да им ја честитам државата, да изразам уверување дека ќе знаеме да го понесеме товарот на одговорноста за својата држава и за нејзината европска иднина. Исто така, од ова место сакам да порачам дека нашата независност е во интерес на нашата добра и блиска европска иднина, оти не е мотивирана од нанесување штета било кому. Сакам на овој начин да и’ ја честитам независноста и на државата Србија“ – рече Ѓукановиќ. Приврзениците за независност започнаа славје веднаш по затворањето на избирачките места. Во околината на владата и по булеварот во градскиот центар кружеа автомобили закитени со црногорски државни знамиња и со сирените ја славеа победата на референдумот. Се славеше и во кафулиња со поп-музика и песни за Црна Гора, а имаше и огномет. Во поедини делови на градот повремено се слушаше и пукање од пиштол. По објавувањето на првите неофицијални резултати, славје започна и во повеќето од другите градови.

Предраг Булатовиќ, лидер на блокот за зачувување на државната заедница Србија и Црна Гора, меѓутоа ги доведе под прашање резултатите соопштени од страна на противничкиот блок и невладината организација и повика на мир и воздржаност: „И по ова што се случи на улиците, уште еднаш ги повикувам луѓето од другиот политички блок да ги повикаат своите приврзеници да не ги провоцираат приврзениците на блокот за заедничка држава, оти ќе сносат одговорност за евентуалните последици. Ние тоа веќе го сторивме со нашите приврзеници. Резултатот ќе биде конечен кога ќе биде преброен секој глас, оти овде решава секој глас и не би било добро поради тоа Црна Гора да се воведе во било каква политичка авантура“.

Кога Булатовиќ соопшти дека не ги признава дотогаш објавените резултати, се закани опасност од судири на приврзениците на двата блока, но на повикот на прибраност упатен од него, масата луѓе се разотиде.

Самиот тек на гласањето, според оцената на Републичката референдумска комисија, поминал регуларно и без посериозни инциденти. На референдумот излегле 86,1 насто од граѓаните со право на глас.