1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓукановиќ повторно на чело на црногорската влада

БГ/макфакс9 ноември 2012

Мило Ѓукановиќ одлучи повторно да се врати на премиерската функција и по шести пат ќе раководи со владата во Подгорица.

https://p.dw.com/p/16gEJ
Фотографија: Reuters

Лидерот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ ќе биде мандатар за состав на новата

црногорска влада, соопштено е во Подгорица. Одлуката следи по консултациите на црногорскиот претседател Филип Вујановиќ со парламентарните партии.

Според Вујановиќ, Ѓукановиќ најдобро ќе знае да одговори на предизвиците кои стојат пред Црна Гора во следниот период. Во политичката јавност на Црна Гора се шпекулираше дека мандатар би можел да биде и досегашниот премиер Игор Лукшиќ, кој е потпретседател на ДПС, како и вицепремиерот Душко Марковиќ.

Доколку Ѓукановиќ биде избран за премиер, тоа ќе биде шести пат во последните 20 години да доаѓа на чело на владата, а еден мандат беше и претседател. Ѓукановиќ двапати се повлекуваше од премиерската функција, вторпат во декември 2010 година кога го наследи досегашниот премиер Игор Лукшиќ.