1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓул: нема да има забошотувања во корупцискиот скандал

СН/ам/ртр/миа/ап24 декември 2013

Претседателот на Турција, Абдула Ѓул, денеска навести дека министрите чии синови се вмешани во корупциската афера би можеле да бидат сменети. Тој увери дека скандалот нема да се забошотува.

https://p.dw.com/p/1AgUA
Фотографија: AFP/Getty Images

„Турција не е истото место споредено со пред пет или пред десет години. Многу реформи се спроведени како во политиката, така и во правосудството. И во земја каде се случиле такви реформи, ако имало корупција и грешки тие нема да бидат забошотени“, изјави турскиот претседател Абдула Ѓул осврнувајќи се на големиот корупциски скандал и политичката битка за моќ која деновиве ја потресува Турција. Ѓул истакна дека независниот објективен и демократски правен систем во Турција ќе постапи во врска со обвиненијата на начин на кој нема да останат отворени прашања.

Покрај тоа Ѓул најави дека турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган планира да изврши реконструкција на неговата Влада. Според шефот на турската држава, промените во Владата, која е потресена од корупцискиот скандал, се очекуваат да бидат извршени по вечерашното враќање на Ердоган од дводневната посета на Пакистан. На прашањето дали министрите чии синови беа вмешани во корупцискиот скандал ќе бидат сменети, Ѓул изјави дека Ердоган врши подготовки и прави проценка во врска со тоа прашање и оти тие двајца ќе имаат средба неделава.

Der türkische Präsident Erdogan mit Premier Minister Gul
Абдула Ѓул и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: MIRA/AFP/Getty Images

„Ердоган се подготвува за реконструкција на Кабинетот. Ние ќе зборуваме за тоа по неговото враќање, по што ќе можете да дознаете повеќе во врска со ова прашање“, истакна Ѓул.

Владата на Ердоган, која тој ја предводи повеќе од 10 години, ја тресе корупциски скандал. Во рамки на антикорупциската полициска истрага за корупција, измама и перење на пари се обвинети 24 лица блиски до Владата или владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), меѓу кои и синовите на министрите за внатрешни работи и за економија, како и генералниот директор на државната „Халк банк“.

Весникот „Хуриет“ вчера објави дека Ердоган планира до крајот на декември да смени десет министри. Министерот за внатрешни работи на Турција, Муамер Гулер, пред два дена на премиерот Ердоган му понуди оставка поради апсењето на неговиот син. Турската полиција, во рамки на истрагата што почна пред една недела, приведе десетици лица блиски до кабинетот на Ердоган, а Владата смени околу 70 полициски инспектори под обвинение за злоупотреба на службената положба, меѓу кои и првиот човек на полицијата во Истанбул.

Медиумите, кои не се под контрола на Владата, меѓутоа оценуваат дека полициските началници се разрешени затоа што не ги информирале највисоките владини претставници дека се подготвува акција против нивни роднини и блиски соработници.

Ердоган полициската истрагата ја нарече „валкана кампања“ против неговата власт и ја доведе во врска со летните антивладини протести, а во неделата ги предупреди своите противници да не ја користат антикорупциската акција за „поткопување на неговата власт“, заканувајќи се дека во спротивно „ќе крши раце“.

Konflikt Fethullah Gülen / Erdogan
Фетулах Ѓулен и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: picture-alliance/dpa/AP

Ваквиот развој на настаните во Турција на виделина го изнесе длабокиот расцеп меѓу Ердоган и неговиот поранешен сојузник Фетулах Ѓулен, исламски свештеник кој се наоѓа во САД, а има големо влијание врз турската полиција и судството.

Позицијата на Ердоган не е директно загрозена, но спорот меѓу неговата АКП и движењето „Хизмет“ на Ѓулен може да влијае на резултатите од локалните избори во март наредната година.

Претседателските избори во Турција ќе се оддржат во август 2014 година, а парламентарните во 2015 година.