1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавно молчат, а неофицијално се жалат на корупција

19 јануари 2011

Неофицијално, студентите преку интернет сведочат за корупција на македонските факултети. Официјално досега никој не се пожалил во студенските антикорупциски канцеларии. Надлежниот министер најви отворање нови канцеларии.

https://p.dw.com/p/Qkgu
Фотографија: Petar Stojanovski

Половина година по отворањето на четирите студентски антикорупциски канцеларии - три на Државниот универзитет во Скопје и една на Дравниот универзитет во Тетово - досега нема ниту една поднесена пријава во нив – соопшти портпаролот на Министерството за образование Горан Галевски.

Иван Живковски, претседател на Студентскиот парламент на Државниот универзитет во Скопје, е категоричен дека ова не е промашен проект на министерот за образование Никола Тодоров: „Во тие канцеларии досега не е пријавен случај на корупција, но имаме голем број пријави на студенти, кои се жалат на доцнење на сесија, проблеми со пријавување на испитите. Главната цел на тие канцеларии беше да се влијае превентивно врз оние студенти, кои што сакаат да дадат пари – да не ни помислат на тоа, како и врз оние професори, кои што посакале да побараат пари – тоа да не се случи. Не би рекол дека нема корупција, можеби бројката на такви случаи во високото образование е мала, но, не би кажал дека таа не постои.“

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien
Студентите во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Постојат ли „берзи на оценки“ на државните факултети?

Дојче веле се обиде да анкетира неколку десеттици студенти од овој универзитет, но, најголемиот број од нив одбија да одговорат било што, откако беа запрашани дали има корупција во високото образование, или, барем, дали знаат за постоењето студентски антикорупциски канцеларии. Кај нив беа забележливи заплашеноста, или неинформираноста. Сепак, забележавме искажувања на неколку студенти од Економскиот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет, под услов да биде зачувана нивната анонимност.

Ги прашавме: има ли корупција на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“?

„Мислам дека постои. Па, во врска со оценките! Би се плаќало за оценки, на едноставен начин. На овој универзитет“;

„Се зборува за многу работи, ама не се знае ништо дали е тоа вистина, или не. Не знам, не сум запозната дали такви случаи се пријавени во антикорупциските канцеларии, или не“;

„Нема пријави веројатно поради страв од малверзации“;

Се зборува дека има некои случаи на корупција на два од факултетите во комплексот на Економскиот, Филозофскиот, Филолошкиот и Правниот факултет.

Живковски се надоврзува кон оваа мини – анкета: „За Економскиот факултет многу студенти коментираат меѓу себе дека функционира како еден вид ‘берза на оценки’. Дека во изминатите години имало многу голем број случаи, каде што студентите купувале испити. Меѓутоа, засега тоа ниту еднаш не е потврдено, ниту еднаш не е докажано.“

Tetovo Universität
Тетовскиот универзитетФотографија: DW

Тодоров уверува: „Многу се скратени можностите професорот да го открие идентитетот на студентот – пријавител.“

За шестка од 200 до 2000 евра?

Шабан Арслани, претседател на Студентскиот парламент на Државниот универзитет во Тетово, при отворањето студентска антикорупциска канцеларија во оваа високошколска институција, имаше кажано дека студентите досега немаат посочено случаи професори да бараат пари за оценки за положување испити и слично. Според Арслани, порано одделни студенти укажувале оти професорите ги принудуваат да учат од нивен учебник и да го купуваат.

Ако се отворат на интернет студентските веб – блогови, ќе можат да се прочитаат, додуша непотврдени, искажувања на студенти на македонските факултети дека најзастапен облик на корупција е така нареченото „спонзорство за книга“: професорите им продаваат на студентите свои книги со потпис и тоа со многу високи цени, кои се движат и повеќе од две илјади денари. Студенти сведочат на веб - блоговите и дека за шестка, наводно, се плаќало од двесте до две илјади евра: во зависност од факултетот и од тежината на материјалот, потоа зависно од сесијата – дали таа му е последна на студентот, при што, цената оди нагоре, ако му е потребно да не запише година на „квадрат“, или на „куб“.

Mazedonischer Bildungsminister Nikola Todorov
Министерот Никола ТодоровФотографија: DW

Прашање е колку е вистинито сево ова што циркулира низ каналите на неформалната студентска комуникација. Но, студентите во јавноста официјално молчат, не пријавуваат ништо во нивните антикорупциски канцеларии, наспроти уверувањата на министерот Тодоров: „Професорот нема да знае кој пријавил: фактот што пријавата се поднесува анонимно и електронски многу ги скратува можностите да биде откриен идентитетот на студентот, кој го сторил тоа.“

Без оглед што засега никој не влегол во постојните четири, Министерството за образование ќе отвори студентски антикорупциски канцеларии и на дравните факултети и универзитети во Битола, Штип и Охрид. Одделни истражувања на тема „Корупција во високото образование во Македонија“, како и коментарите во експертската јавност, предупредуваат дека оваа негативна појава започнува уште во предучилишните институции, каде што им се даваат подароци на воспитувачките, дури и во вид на злато. Затоа, според овие укажувања, е потребна многу поширока борба против корупцијата на сите рамништа во образованието, но и во целото општество, со напоредно изнаоѓање форми, во конкретниот случај, студентската популација да се охрабрува многу повеќе отворено да ги изнесува примерите на професорите со „лепливи прсти“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски