1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јазикот е мамка

4 јуни 2009

Во Солун се одржа шестиот саем на книги, најголем и единствен меѓународен во Грција. Земја гостин-годинава беше Германија. Партнери на саемот, покрај Дојче Веле, беа и Гете институтот и Франкфуртскиот саем на книгата.

https://p.dw.com/p/I2FA
Франкфуртскиот саем-гостин во СолунФотографија: Frankfurter Buchmesse/Hirth

Саемот во Солун не може да се мери со Франкфуртскиот саем на книгата, но и во Грција постојат амбиции - на отворањето беше гордо најавено дека Солунската, во меѓувреме, е меѓу 25-те најголеми изложби на книги во светот.

Заеднички германски штанд

Германски заеднички штанд на саемот на книги во Солун -отворено уреден простор каде има многу книги, се пие кафе и се водат разговори за Германија како земја-гостин. Се дискутира и за односот кон германската окупација на Грција во Втората светска војна, потоа за падот на Берлинскиот ѕид, настан од кој во ноември се навршуваат 20 години. На штандот свои дела читаат германски писатели, организирани се подиумски дискусии, а Бас Бетхер од Берлин ги претставува своите текстови:

„Првиот текст секогаш го читам без превод, за да оставам прво да влијае мелодијата на јазикот, а потоа да се сфати суштината. За мене јазикот е сјајна мамка за впуштање во содржините. “

Германскиот јазик како светлечка мамка, која човек не мора да ја разбира, тоа е нов приод кон германскиот јазик и литературата. Многумина овде беа позитивно изненадени, но не само поради тоа. Мартин Валзер, Инго Шулце, Јулиа Франк, Даниел Келман - овде имаше избор од најпознати автори од германското јазично подрачје, со светски глас, преведувани и на грчки јазик.

Bücherstapel
Фотографија: picture-alliance / OKAPIA KG

Пробив на германски автори

Саемот на книгата во Солун беше организиран од националниот грчки Книжевен центар. Претседател е Петрос Маркарис, автор на бестселери, познат и во Германија. Младите германски автори се во поход во Грција, вели тој:

„Во последните 15 години постои пробив на германската литература во Грција. Постојат многу германски автори преведени на грчки, меѓу нив и млади, како на пример Даниел Келман или Инго Шулце. Автори, кои до пред 15 гоидни беа сосема непознати. Тогаш се знаеше најмногу за Мартин Валзер или за Гинтер Грас.“

За германско-австрискиот автор Даниел Келман денес, не само во Грција, се зборува насекаде. Тој ја напиша една од најпознатите книги во повоената германска историја, позната во меѓународни рамки, „Мерење на светот“. Во Солун тој го претстави својот роман „Слава“. Тежишната тема на саемот во Солун, него не го засега само од чисто германска перспектива:

„Мојот татко, како режисер, имаше доста работа со источноевропските дисиденти, Вацлав Хавел, Павел Кохоут. За мене, железната завеса беше многу присутна, а уште од детството многу бев свесен и за диктатурите од Источна Европа. Јас познавав многумина кои доаѓаа од тој затворен дел на Европа, не само ДДР, туку и Унгарија, Полска или Чехословачка, кои не можеа да се вратат дома. А потоа ненадејно чувството дека можат да се вратат, се‘ се промени, беше фантастично.“

Мост на Балканот

Во своите први години саемот на книгата во Солун се обидуваше да изгради функција на мост за Балканот, токму затоа тој не се одржува во Атина, туку во северниот дел од Грција. Во меѓувреме, тој стана меѓународен. Годинава учествуваа петстотини издавачи од 38 држави, меѓу нив Индија и Кина. Тоа што и Франкфуртскиот саем учествува на изложби како оваа во Солун, има едноставна причина: тој смета дека има задача да ја промовира германската книга насекаде во светот и во странство да носи германски автори, објаснува Јирген Боос, шеф на Франкфуртскиот саем. Тој ја истакнува и тесната соработка со Министерството за надворешни работи, а не само комерцијалната ориентација, доминантна кај другите.


Автор: Рамон Гарсија Цимзен / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска